Малку познато: Манастир „Св. Ѓорѓи“ во село Кучково
На неколку километри над скопското село Кучково, сместен е манастирот Свети Ѓорѓи, христијанско светилиште за населението во западниот дел на Скопската Котлина.
Манастирот е отворен секој ден, а масовно е посетен на Ѓурѓовден, 6 мај, и на христијанскиот празник Свети Ѓорѓи Победоносец (Посен) кога манастирот го чествува денот на патронот.
Годината на изградбата на манастирот е 1346 година за што сведочи натписот на влезот на самата црква.
Од 1918 до 1942 година манастирот бил женски манастир со 12 монахињи. Од 1946 година подолго време за него се грижел еден калуѓер и еден чувар.
Манстирот има и конаци, осветени чешми во дворот, верниците и посетителите да се мијат за здравје и мир. Интересно за Кучково е тоа што е средиште на духовни храмови. Во атарот на селото, освен манастирот Свети Ѓорѓи, има многу манастири и цркви од затворен тип кои населението ги посетува најчесто за празникот на храмот, но и по разни други поводи.
Над селото Кучково се наоѓа манастирот „Свети Атанасиј“, со црква и придружни простории. Во турско време бил разурнат и обновен во 1920 година. Во негова непосредна близина е манастирот „Свети Пророк Илија“ со црквичка и помошни простории, без прецизни податоци за неговата градба. Под селото во еден дол се наоѓа манастир посветен на Света Петка. Според сведоштвата на мештаните, тука во 1942 година била подогната капела. Денес има црквичка со помошни црковни простории и извор со света вода. Народот верува во неговата исцелителна моќ и често е посетуван од луѓе што имаат разни проблеми. Во центарот на селото се наоѓа црквата “Свети Спас“. Не се знае кога е градена, но на двапати е обновувана
Југозападно од селото Кучково се наоѓаат две цркви посветени на Свети Архангел Михаил и на Воздвижение на чесниот крст – Крстовден.
Каде и да се завртиш, овде во Кучково, ќе наидеш на култни места, како свети води, камења, дрвја…Тука сеуште се јаки и обредните верувања врзани токму за тие локалитети. Се работи за локални обичаи кои ги нема во населените места од скопскиот регион, што ги прави автохтони. Едно од култните локалитети во атарот на селото Кучково е карпата позната како Девојачки камен.
За неа се врзани повеќе легенди и преданија.
Според првото, некоја девојка што тука ја чувала стоката, дувана од ветерот била залепена за неа, и затоа карпата била наречена така.
Другото предание, пак, вели дека девојката која што била дувната од ветерот и залепена за карпата играла оро со своите другарки.
Како и да било, кај карпата што го добила името Девојачки камен, од дамнина, доаѓале жени доилки на кои им секнало млекото, болни и луѓе со најразлична мака, оставале пари, палеле свеќи на каменот, го обиколувале каменот со црвен конец, а изведувале и други обичаи, со верување дека после тоа ќе добијат млеко за своите рожби, ќе се излекуваат од некоја болест или ќе им се оствари некоја желба.
И денес на каменот можат да се видат црвени конци, догорчиња од свеќи и пари, што говори дека продолжува традицијата на изведување на споменатите обреди
Во народот постои верување дека ако на Младенци се однесе кошула на болен или неродилка во месноста Девојачки камен на верскиот празник 40 маченици или во народот познат како Младенци и истата се остави на каменот да ја полазат змии кога ќе излегуваат од дувлото, сите болести ќе исчезнат, а неродилките ќе родат.
Освен за Девојачки камен, итересно е и за колибите куќарници што девојките од Кучково ги правеле околу Митровден и во нив го подготвувале чеизот дури до Ѓурѓовден. Секоја маала си имала своја куќарница. Интересно за куќарниците е тоа што нив ги правеле самите девојќи за мажење, од штици, колци, вршена слама и ржаница, а наместо малтер се користело шталско ѓубре. Колибите биле подигани на гумно, имале кружна форма и биле необично симетрични. Во една куќарица можеле да седат и да го изработуваат чеизот и другите дарови за момчето и сватовите од 5 до 8 девојки. Вакви колиби имало и во другите планински села на Скопска Црна Гора.









































