Илинден и околните села се една од ретките средини која има скромна хидрографија, бидејќи на оваја територија нема постојани природни водотеци,освен сливот на Сува Река кој го сочинуваат две помали реки кои во поголемиот дел од годината сепресушени.
Оваа состојба ја менуваат каналите за одводнување на површинската и високата подземна вода кои се користат за наводнување на земјоделските површини.

Постојат два главни канали и неколку помали, посредни канали за одводнување на површините, чија вкупна должина изнесува околу 60 км.

Единствената река е Сува Река, таа се формира од две притоки, од кои едната минува низ населените места Бучинци,Мршевци и Бујковци со должина од 6.000 метри,а другата поминува низ населените места Дељадровци, Текија и Миладиновци со должина од 4.000 метри и продолжува кон Петровец со должина од 5.000 метри,одводнувајќи ги овие подрачја.

Исто така, постои и мала вештачка акумулација на Сува Река кај населеното место Бучинци со површина од околу 2 ха и длабочина од 3-4 метри, која се користи за собирање на надојдените води од падините на Скопска Црна Гора и заштита од поплави на населените места по сливот на реката (Мршевци, Бујковци и Миладиновци). Исто така, се користела за наводнување на земјоделските површини во околината. Во тек на подолготраен сушен период и оваа акумулација пресушува.

Истата акумулација во последно време е честа дестинација на место за одмор,рекреација и спортско риболовство
Територијата каде што денес се наоѓа населбата Илинден, и сите околни села на потегот до Петровец,во минатото многу често била поплавувана од реката Вардар, која често се излевала и многу пати го менувал своето корито. Според кажувањата на постарите жители , на местото кај што е ископан каналот што поминува низ населба Илинден, бил е најсеверниот крак, каде што течел Вардар се до пред некој век. Поголемиот дел од територијата на од овој дел на скопска блатија , пред подигнувањето на заштитните насипи лево од реката Вардар (изградени од 1931 до 1934 година) и прокопувањето на каналите (во Блатијата) се намалила опасноста оваа територија секоја есен и пролет од поплави.
Овие поплави нанесувале големи материјални штети во земјоделското производство, а имало години кога од водната стихија биле срушени доста куќи и други помошни простории на месното население. Такви поголеми поплави предизвикани од излеаната р. Вардар имало во 1962, 1979 и во 2001 години.

После поплавите и повлекувањето на Вардар во своето корито, останувале големи површини под вода, од кои потоа се формирале бари и се задржувале долго време во годината. Територијата на Илинден била често поплавувана и од поројните води кои се сливале од ридскиот дел, на северната страна од населбата. Поради честите вакви поројни наноси, горниот слој од почвата, во висина од 20 до 30 сантиметра, е со талог од црвена земја. Црвениот талог водата го носела од ридот, лоциран во горниот дел од населбата.
Поради ваквата неповолна состојба, во 1964 година, тогашното водостопанство “Вардар” и пошироката заедница, го подигнале ободниот канал во подножјето на ридот. Овој канал има улога да ги собере поројните води од ридот и да ги однесе до реката Вардар. Инаку, истиот се протега од шамакот над хотелот “Белви”, а со р. Вардар е поврзан во близината на с. Петровец. По регулирањето на коритото на р. Вардар и подигањето на неговите насипи, како и изградбата на ободниот канал, во голема мера се намалило дотогашното често поплавување на селата ИИлинден и Марино. Но, и покрај тоа, се случувало, во одредени години, повторно овој дел од блатијата да биде поплавувана од р. Вардар или од високите подземни води.
Интересно е да напомене дека двата одводни канали, кои поминуваат еден низ сред село, а другиот низ полето, се до 1970 година биле со чиста вода и служеле за напојување на добитокот и за капење на населението. Притоа, каналите се полнеле со риба кои ги донесувала излеаната р. Вардар.

Во оваа средина освен површинските, во потесниот простор се јавуваат големи резерви на подземна вода, како бунарска, така и артерска. Подземните води лежат врз непропустливите подлоги, односно под пропустливите слоеви составени гла вно од крупен песок и чакал. Подземните води се јавуваат на различни длабочини од 2 – 18 мет ри и тие лесно можат да се користат за наводнување и за водоснабдување. Во пониските де ло ви подземната вода се користи за обезбедување на населението со вода за пиење преку копање на бунари.
Водата од артерските бунари се црпе од големи длабочини, таа е чиста и здрава за пиење. Градбата на артерските бунари барала голема физичка ангажираност и средства, но добивката била непроценлива бидејќи еден таков бунар со вода за пиење го снабдувало цело село,како што бил првиот таков бунар во Кадино Село од кој се со вода се снабдуало селото и војната касарна односно аеродромот.
Вакви артерски бунари во 70-те години издупчени се речиси во сите села , а некои од нив во употреба се и денес.
Во областа на хидрографските карактеристики спаѓа и изворот во Марино ,кој е активен и истек од неговите води има и ден денес ,но за него не е направено поголемо истражување.