НА ДЕНЕШЕН ДЕН 4 ФЕВРУАРИ

0
147

4 февруари 1872.- Во Кукуш роден е  Гоце Делчев, прв меѓу првите револуционерни синови на македонскиот народ. Како член на ТМОРО, беше наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја НО борба на македонскиот народ, тој ја обиколи цела Македонија. Непријателите на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледаа најголем непријател и се обидуваа на секој начин да го ликвидираат. Така, на 4 мај 1903 година, во борба против османлиската војска во селото Баница, Серско, во егејскиот дел на Македонија, загина великанот Гоце Делчев.

-4 февруари 1815.- Во Осиек е роден Јосип Јурај Штросмаер, бискуп, политичар, културен деец, основач и покровител на Југословенската академија на науките и уметностите (ЈАЗУ) во Загреб, во 1866 година, втемелувач на хрватскиот универзитет. Се стремел кон обединување на Јужните Словени во рамките на Австрија. Во 1861 година со негова помош, во Загреб бил објавен Зборникот на народни песни од браќата Миладиновци. Умрел во Ѓаково, на 8 април 1905 година.

4 февруари 1912.- Во Штип, во присуство на службените лица на Егзархијата, во просториите на архиерејското намесништво е формирана комисија за разделување помош на настраданите од прогонот на 14 декември 1911 година во Штип, кога врховизираните терористи извршија бомбашки атентат на една џамија во Штип, поради што настрада македонското население.

-4 февруари 1944 година. Во селото Никодин (прилепско) бугарската полиција и единиците од прилепскиот гарнизон ја нападнале Првата македонско-косовска народноослободителна ударна бригада која марширала кон областа Азот. Бригадата со противнапад го повратила селото нанесувајќи му на непријателот губитоци од околу 20 мртви.

– 4 февруари 1946 година во Скопје,роден е Мето Спасовски  запеметен како еден од најголемите мајстори со фудбалската топка, во периодот по катастрофалниот земјторес, кој го погоди нашиот главен град. Во дресот на Вардар, дебитира во сезоната 1962/63 и останува верен на клупските бои во наредните 12 години. Со своите 647 настапи (375 првенствени) и 212 погодоци, се наоѓа на второто место на вечните вардарови листи, според бројот на одиграни натпревари и постигнати голови.

4 февруари 1988.- Во Скопје умре Димитар Бојаџиев – Митко, прв македонски стенодактилограф. Во текот на НОВ на Македонија, во ГШ на НОВ и ПОМ во селото Горно Врановци, беше ангажиран околу издавањето на билтен – примање вести и информации од сојузничките странски радиостаници, како и пораки од боиштето на партизанските единици во Македонија. Тој беше стенодактилограф и во првата редакција на Танјуг за Македонија – ТАМ во Скопје, работеше како стенодактилограф во Радио Скопје и во „Нова Македонија“. Роден е во 1918 година.

4 февруари 1989.- Рускиот историчар Рој Медведев процени дека за време на Сталиновото владеење во Советскиот Сојуз биле уапсени, убиени или на друг начин репресирани 40 милиони луѓе.

4 февруари 1990.- Во Скопје е основано Движењето на семакедонската акција (МААК). За претседател е избран Гане Тодоровски.

-4 февруари 1931г. роден е Благоја Иванов — македонски писател.

4 февруари 1993.- Во Москва умре Димче Толовски, истакнат литературен преведувач и голем афирматор на македонската литература во Русија и во земјите на поранешниот Советски Сојуз. Роден е во Кавадарци, на 17 декември 1925 година.

4 февруари 1993.- Во Скопје, во издание на НИП „Ѓурѓа“ – Независни изданија, излезе првиот број на списанието „Ворлд прес ИЗБОР“.

4 февруари 1994.- Во Собранието на Република Македонија е конституиран Републичкиот судски совет.

4 февруари 1994.- Државниот секретар за соработка и развој, Ерик Дерике, во белгискиот Сенат изјави дека белгиската Влада донела одлука за воспоставување на дипломатски односи со Република Македонија.

4 февруари 2013.- По кратко боледување почина Љубе Цветановски, професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, долгогодишен уредник и директор во Македонската телевизија. Љубе Цветановски е роден во Слоештица во 1949 година. Дипломирал на Филолошкиот факултет, а магистрирал на Институтот за литература при УКИМ, на тема „Народната култура во документарниот филм”. Бил уредник на рубриката за култура на Студентски збор, новинар во Македонското радио, како и долгогодишен уредник, а во еден мандат и директор на Македонската телевизија. Во последните четири години беше професор по Документарен филм на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА. Беше член на Друштвото на писатели на Македонија и на Сојузот на новинари на Македонија. Автор е на книгите поезија „Време е да се биде дома”, „Наталожен сомнеж” и „Престапна година”, а коавтор е на антологијата на млади македонски поети под наслов „Љубов и мајстори”

4 февруари 2013.- Избувна пожар во манастирскиот комплекс од 13 век – „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец, кој се наоѓа на десетина километри од Прилеп. Огнената стихија многу брзо почанала да се шири. Ова е трет познат катастрофален пожар што го зафатил манастирот во минатото. Последниот се случи во 1990 година кога целосно изгореа конаците. Трекавец е еден од најголемите манастирски комплекси во Македонија и светски познат споменик на културата. Во рамките на манастирот се наоѓа и црквата Успение Богородичино. Манастирот има свои конаци и трпезарија. Издигнат високо над карпите во планината, со прекрасна глетка на околните планини Баба, Бабуна и Кајмакчалан, како и над Пелагонија. Се верува дека е изграден во 12 век, односно 13 век. Неговата разновидна архитектура укажува на разни обновувања и уривања. Во црквата се зачувани значајни византиски фрески. Во манастирот често доаѓаат туристи и планинари. Најпосетуван е за празникот Богородица – 28 август.

4 февруари 2015.– На 87-годишна возраст почина македонскиот ликовен уметник Трајче Јанчевски. Средно уметничко училиште завршува во Скопје 1949 год. кај професорите Никола Мартиновски и Лазар Личеноски, а Академија за применета уметност 1954 год. во Белград. Таму, поради забележаниот исклучителен талент му било дозволено паралелно да заврши и сценографија. Од 1955 до 1957 год. работел како професор по ликовно образование во Куманово. Во периодот 1964-1965 бил на специјализација во Париз. Од 1957 до 1988 год. работел како сценограф во Драмскиот театар во Скопје, а извесен период и како вонреден професор на Педагошката академија.

Претходниот артикал,НА ДЕНЕШЕН ДЕН 3 ФЕВРУАРИ
Следната статијаХИДРОГРАФСКИ КАРАКТЕРИСТИКИ

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука