НА ДЕНЕШЕН ДЕН -13 АВГУСТ

0
432

НА ДЕНЕШЕН ДЕН -13 АВГУСТ

*13 август2001.- Во Скопје беше потпишан Охридскиот рамковен договор, политички документ за решавање на кризата во Република Македонија.  Преговорите, почнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, каде завршија со парафирање на документот на 10 август. Три дена подоцна на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје.Документот го потпишаа претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски и четворицата партиски лидери – на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ДПА, Арбен Џафери и на ПДП, Имер Имери.  Потписници на договорот, во својство на гаранти, беа и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите. Покрај потписниците во разговорите учествуваа и Хавиер Солана, тогашен висок претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика и Питер Фејт, претставник на САД, како и повеќе правни експерти, меѓу кои професорите Владо Поповски и Љубомир Фрчковски.

*13 август 1951. –  во Струмица беа  убиени  пет струмички студенти, членови на ВМРО, и тоа: Мирко Пецев, Борис Белев, Стево Топчев, Ѓорѓи Јарамов и Ѓорѓи Костуранов. Убиени со вразни раце, со по еден куршум во глава, а само Белев имаше три куршуми. Убиството било планирано, бидејќи на семејствата уште утрото им кажале да ги подготвуваат ковчезите, а тие биле застрелани попладнето, во вечерните часови, пред да бидат набрзина погребани Младинците, чија кауза била самостојна и слободна Македонија, биле стрелани кај селото Орманли на планината Беласица, дваесетина километри од Струмица.

Образложението на тогашната локална власт било дека студентите работеле против комунистичкиот режим и дека илегално се обиделе да ја преминат границата и да пребегаат во Грција.Нивните мртви тела покриени со шаторски крила, следниот ден биле донесени пред Општинското собрание, од каде во присуство на нивните семејства се погребани, освен Борис Белев кој е закопан во протестантските гробишта, сите биле погребани надвор од гробиштата.Сите тие потекнувале од угледни градски семејства.По убиството се прогласени народни непријатели.
Семејствата веднаш по настанот им изградиле споменик од бел мермер во вид на отворена книга на кој пишувало дека се УБИЕНИ. 

Набрзо, споменикот е искршен на парчиња, …, и се подигнува нов, бетонски… За на властодршците да не им боде очите и пак да го урнат. 
Денес, околу гробот стојат неколку парчиња од првобитниот споменик.
Тој настан беше табу тема се до 1991 кога прв пат се одржа парастос за покој на нивните души.
Во 2001 во малиот парк карши Собранието на општина Струмица беше подигнат и споменик кој во својот долен дел е отворена книга од бел мермер на која се запишани нивните имиња. 

*13 август 1903. десетилјадна османлиска војска се упати да ја уништи Крушевската Република, а остана да ја брани само четата на Питу Гули со 370 комити . Во месноста Мечкин Камен, близу до Крушево, македонскиот војвода Питу Гули го распореди својот одред и со куршуми ги пречекуваше јуришите на турската војска. Во епопејата на Мечкин Камен херојски загинаа Питу Гули, двајцата негови знаменосци Ѓорѓи Димев и Нове Смугре,секретарите на Питу Ставре АндреКочо Божинов и 40-тина македонски востаници. Питу Гули е роден во Крушево, 1865 година.

Изгледот на Крушево на 13 август 1903

*13 август, денот кога Крушево се предало, можело да се забележи дека на многу од сочуваните куќи се веат бели знамиња, знак дека градот се покорува. Војниците го повикале населението да ги напушти своите живеалишта и да оди во собирните пунктови, кои се наоѓале на крајот од градот. По пат луѓето биле претресувани и ограбувани, а некои од нив биле и убивани.

*13 август1906.- Кај Влашките колиби на Кожуф, во борба против андардите, загина Лука Иванов, македонски револуционер и војвода, учесник  во Илинденското востание. Како војвода дејствуваше во Воденско, Костурско, Ениџеварско, Кичевско и во Крушевско. Роден е во Панаѓуриште, Бугарија, 1880 година

*13 август 1916.- Во Ресен е роден Радослав К. Петковски, македонски писател. Основна тема на неговите дела е животот на луѓето што се борат за основна егзистенција. Главни негови дела се збирките раскази „Рибарот Климе“ и „Рашанец“. Умре во Охрид, на 26 октомври 1955 година.

*13 август1923.- Мустафа Кемал Паша, наречен Ататурк (татко на Турција) стана прв претседател на Турската Република. Учествуваше во движењето на младотурците. Во Битола заврши виша воена школа, а во Цариград Генералштабна академија и беше еден од активните борци против султанската автократија. Како претседател на Турската Република спроведе прогресивни реформи. Роден е во Солун, во 1881 година, а умре во 1938 година

*13 август1936.- Во селото Велгошти, Охридско, е роден  Живко Чинго, македонски писател. Неговите збирки раскази „Пасквелија“, „Нова Пасквелија“, романите „Сребрените снегови“, „Големата вода“, драмите „Образов“, „Ѕидот, водата“ и другите дела, му овозможија едно од врвните места во современата македонска проза и драмска литература. Умре во Охрид, на 11 август 1987 година

*13 август 1995.- Во Софија умре Симеон Гугуловски, македонски оперски уметник и солист на Операта при МНТ во Скопје. Роден е во Солун, во 1941 година

*13 август 1995.- Умре д-р Душан Манаковиќ, еден од најпознатите македонски географи и основоположник на современата геоморфологија и спелеологија.

Претходниот артикал,СЛАВЕ КОЧОВСКИ-ЦАЦКО,КОПАНИЧАР
Следната статијаДенес е меѓународен ден на леваците

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука