На денешен ден-29 Октомври

0
157

29-Октомври 2023 година,Осветен новоизградениот црковен храм Св. Константин и Елена во Општина Илинден!

Денеска во присуство на голем број верници беше осветен новоизградениот црковен храм Св. Константин и Елена во Општина Илинден. По тој повод се одржа заедничка Архиерејска литургија на која чиноначалствуваа Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и преосветениот Епископ Дељадровско-Илинденски г. Јоаким со повеќе свештенослужители.

За време на Архиерејската литургија новоизградениот црковен храм беше преполн со верници, меѓу кои присуствуваше и градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, на кој Архиепископот г.г. Стефан му додели Огличие за особен придонес во изградбата на овој црковен храм.

*29 октомври 1902г.во Скопје бил растурен таен леток  до македонскиот народ да се приклучи кон револуционерната борба со паролите „Слобода или смрт“и „да живее слободна Македонија“

*29  октомври1940.- Во Ленинград умре Димитрија Чуповски, еден од најистакнатите и најдоследни организатори и афирматори на македонската национална мисла, општественик, револуционер, политичар, дипломат, публицист, научник, издавач, историчар, картограф и филолог. Беше иницијатор и прв претседател на Славјанско-македонското научно литературно друштво, основано во Петроград во 1902 година. Го основа и Национално-просветното (1912) и Руско-македонското друштво (1914) во Петроград, а во периодот од 1912 до 1915 година на руски јазик го издаваше списанието “Македонски голос”. Роден е во селото Папрадиште, Велешко, во 1878 година.

*29 октомври1944.- Во селото Горно Врановци, Велешко, излезе првиот број на весникот “Нова Македонија” на македонски јазик, орган на Народноослободителниот фронт на Македонија. Вториот број излезе во ослободениот град Битола, а од третиот број излегува во Скопје. Излегувањето на овој весник е од исклучително значење за развојот на современото македонско новинарство.

*29  октомври1975.- Во Скопје умре Ристо Крле, македонски писател и драматург. Неговото дело има големо значење за македонската драмска литература. Драмите “Парите се отепувачка”, “Милиони маченици” и “Антица”, создадени пред Втората светска војна, претставуваат своевиден блесок и се придружија кон творештвото на Антон Панов и Васил Иљоски. По војната ги напиша уште и драмските дела “Гроф Миливој” и “Велик ден”, како и фрагментарно објавената биографија. Роден е во Струга, на 3 септември 1900 година.

*29  октомври1989.- Во Скопје умре Димитар Гешовски, еден од најпознатите македонски артисти. Во својата богата артистичка дејност оствари над стотина театарски, телевизиски и филмски ликови. Роден е во Прилеп, на 14 септември 1928 година.

*29  октомври1990.- Во Скопје, на Градските гробишта „Бутел“, точно на 50-годишнината од смртта, беа положени посмртните останки на Димитрија Чуповски, еден од најзначајните личности од историјата на македонскиот народ, кои на 29 јуни 1990 година беа пренесени од Санкт Петербург, каде што умре на 29 октомври 1940 година

*29  октомври1993.- Прифатена е нотификацијата на Република Македонија со која се пристапува кон Виенската конвенција за патниот сообраќај од 1968 година. Тоа значи дека возилата регистрирани во Република Македонија од овој датум ја носат ознаката „МК“.

*29  октомври1994.- По повод вториот круг на гласање за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, почна со работа Прес-центарот.

 *29 октомви 1995.- Умре Киро Поповски, основоположник и прв претседател на Социјалистичката партија на Република Македонија. Смртта го затекна на функцијата потпретседател на Собранието на Република Македонија која ја извршуваше од 1991 година. Киро Поповски е роден во тетовското село Вратница на 13 април 1942 година.

*29  октомври1998.- Република Македонија ја потпиша Конвенцијата за забрана на ну клеарни проби.

Претходниот артикал,„АЏИЕВЦИ“- Илинден
Следната статијаКозјак(Поречко Езеро)

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука