Елена Андоновска наша сограѓанка детството и младоста ја помина во нашата населба ,каде што го заврши и основното образование, денес живее во Скопје. Од 2007 година работи во Ансамблот за народни игри и песни на Македонија – Танец како сценски презентер на традиционални игри и песни. Од 2010 година своето професионално искуство го пренесува како наставник во ДМБУЦ Илија Николовски Луј во насоката за традиционална музика и игра каде ја започнува својата педагошка активност по предметот народно пеење. Од 2012 година на ФМУ – Штип работи како демонстратор на катедрата за етнокореологија. Како долгогодишен сценски презентер на македонски народни песни, Елена Андоновска претставува македонската вокална традиција на бројни фестивали во нашата земја а и надвор од неа. Добитник е на многу награди и признанија меѓу кои позначајни се Признанието за особен придонес и афирмација на УГД – Штип во 2009 година, Прво место на фолклорниот фестивал во Албена Р. Бугарија во категоријата за Солистичка изведба на народни песни, Гранд При наградата во 2010 година на истиот фестивал во Албена Р. Бугарија и освоеното прво место во категоријата за соло изведба на народни песни во Прага, Република Чешка, во 2011 година. Покрај наградите кои ги има освоено како солист, Елена како професионален вокален исполнител во хорот на Ансамблот Танец, исто така, придонесува за освојување на голем број на награди и признанија наменети за ансамблот кој важи за еден од најголемите амбасадори на нашата земја, кој, на највисоко ниво ја претставува ширум светот. Покрај вокалните способности, кои Елена упешно ги презентира на сцената, таа од 2003 година ја започнува и својата истражувачка дејност на полето на етнокореологијата и етномузикологијата. Најчести теми на истражувањата се Македонските традиционални песни и ора и нивните карактеристики. Во 2018 година Елена Андоновска го издаде својот прв солистички албум со преработки на десет македонски народни песни. Албумот е насловен “Кој што ме чуе да пеам”. Во истиот период го промовираше и видео записот за песната „Босо моме“, а на почетокот на оваа година следуваше и видео запис за песната “Мома седи на чардакот”. Од минатата година Елена е официјален член на групата Седенка со која реализираа многу настапи а ке претстојат и бројни ангажмани во текот на оваа година. Во текот на летниот период Елена ќе работи на уште еден видео запис за песна која е дел од нејзиниот албум.











































