Киро Бошковски-фудбал

0
446
*Киро Бошковски, фудбалер и тренер.
Киро Бошковски потекнува од фамилија Бејтовци. Роден е во 1943 година во Илинден. Многу млад ја започнува својата фудбалската кариера во Ф.К. “Илинден”. Тој е еден од најталентираните, но, и најпопуларните досегашни фудбалери што произлегле од овој клуб и воопшто од Населба Илинден. Произлегува од семејство во кое, сите пет сина на Милан Бошковски (нивни татко), биле врвни фудбалери на Ф.К. “Илинден”. Во одредени времиња се случувало и тројца од браќата истовремено да настапуват за клубот. Но, сепак, според прикажаната вештина во фудбалската игра, Киро беше далеку поистакнат не само пред неговите браќа, туку, и пред сите други фудбалери од Населба Илинден. Во неговата долгогодишна фудбалска кариера играл на разни позиции во нападот на клубот, но, сепак, во трајни сеќавање на љубителите на фудбалот останаа неговите дриблинг продори како десно крило. Во тоа време немаше толку екипи и клубови како денес, но, сепак, фудбалските стратези ја забележале неговата надареност и умешност да ја контролира фудбалската топка и да постигнува голови за паметење. Затоа, тој беше на листата на многу клубови кои сакаа да го имаат во своите редови. Најпрво, тој стана член на ФК “Скопје-63”, а потоа и на ФК “Маџари”. Во 1967 година, на повик на нашата дијаспора во Австралија, К. Бошковски замина на фудбалска печалба во Австралија. Покрај повикот за заминување заедно со уште тројца други фудбалери, со нив заминаа и неколку тренери од Македонија. Сите тие во Австралија заминаа за да му помогнат на ФК “Македонија-Престон” успешно да се натпреварува во Австралиската Прва фудбалска лига. Во 1968 година се врати од Австралија и до 1971 година настапуваше за ФК “Илинден”. Во 1971 година, на повик на ФК “Македонија–Престон”, повторно заминува за Австралија и успешно настапува сѐ до 1976 година, кога тимот на нашите иселеници, неколку сезони успешно се натпреваруваше во Првата австралиска лига. Во 1978 година повторно се врати и успешно настапуваше за ФК “Илинден” како играч и тренер. Во ова време клубот успеа да влезе во повисок ранг на натпреварувања.

 

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука