Најдолгиот висечки мост во светот и загинатите борци од Македонија ,,за него”
Добро познати се македонските жртви на битките во Балканските војни и Првата светска војна на Македонскиот фронт, но помалку познати се македонските жртви на Битката на Чанаккале (Битката на Галиполи), која е една од најкрвавите пресметки во Првата светска војна.
Во 1915 британските и француските сили поддржани од Русија се обидуваат да го преземат теснецот Дарданели, за потоа да се пробијат кон Константинопол до конечен пораз на Османлиското царство и трилатерална контрола на Босфорот од Британија, Франција и Русија.
Македонските борци во оваа битка се на страната на Османлиите, под водство на Мустафа Кемал Паша, кој 8 години подоцна ќе стане основачот на модерна Турција и ќе го заработи прекарот Ататурк.
За жал, Македонците и народите од Македонија не се борат само за една страна.
Истовремено регрути од Македонија има и во војските на Србија, Грција, Бугарија и Австро-Унгарија, борејќи се од сите страни на конфликтот.
Оваа битка однела над 550 илјади животи, од кои над 250 илјади на османлиска страна.
Победник е Османлиското царство.
Точниот број на македонски жртви на Чанаккале не е познат, но таму и ден денес стојат спомен обележја на големиот број жртви во битката од Скопје, Битола и Солун.
За трагичните животни приказни од оваа битка е и филмот The Water Diviner на Расел Кроу.
Во чест на годишнината од османлиската победа во Битката на Чанаккале, како што е позната во Турција, или Битката на Галиполи, како што е позната на Запад, денеска (18.03.2022) беше пуштен во употреба мостот ,,Чанаккале 1915″ – инженерско чудо, кое од денеска е најдолгиот висечки мост во светот со 2.023 метри растојание помеѓу двата носечки столбови.. Должината на висечкиот мост на теснецот кај Чанаккале достигнува 4.608 метри и е најдолгиот мост со среден распон во светот. Кулите и елементите на мостот се изработени во црвено-белата боја на турското знаме. Заедно со висината на кулата од 318 метри и архитектонската топовска фигура од 16 метри, достигнува надморска височина од 334 метри и ќе биде висечки мост со највисоки кули во светот.