***Оваа населба од неолитско време, лоцирана кај с.Мршевци. Старото селско јадро сретсело лежи на издолжена тераса, со површина од околу 3 хектари која на западната страна е засечена со суводолица, на јужната е отворена кон полето, а на другите две страни е поткрената и е поврзана со околните височинки. Всушност, куќите од овој дел на селото се подигнати на теренот од некогашната неолитска населба. Првите информации за нејзиното постоење потекнуваат од мештаните Б. Спасовски и Д. Спасовски кои во текот на 1987 година, при копање на темели за новоградби,оддалечени околу 100 м. една од друга, откриле интересен керамички материјал.


Интервентното заштитно ископување покажало дека се работи за остатоци од населба со два хоризонти на живеење. Во постариот хоризонт се откриени две огништа направени од глина врз подлога од камен и керамички фрагменти, делови од куќен лепеж,голем број фрагменти од керамички садови,култни предмети и орудија од кремен и камен.
Исто како и кај локалитетот Тумба Маџари, и на овој локалитет во с. Мршевци пронајден е керамички модел на големата Мајка божица – заштитницата на плодноста, претставена на начин што засега е непознат меѓу неолитските култури од другите балкански простори.