Х’взи пашини Конаци-Бардовци
– Се прераскажува, за време Турско, кога Х’взи паша дошол да владее со скопскиот пашалак, пред да одбере место за својот чифлик, за Ѓурѓовден на повеќе места во скопската котлина оставил заклано јагне закачено на дрво. По една недела ги обиколил сите места каде што поставил курбан и само тука, каде што е сегашниот Конак, месото не било скапано. Струењето, тој ветер и таа чистота на воздухот, била пресудна пашата токму тука, на површина од три хектари, да го подигне својот грандиозен Конак.
Старото селско јадро на Бардовци било изградено таму, над Конакот, за потоа да биде принудно раселено под и околу Конакот по строга наредба на Х’взи паша.
Чашата се прелила за еден Митровден, кога, како за беља, селаните решиле сите заедно да ги заколат свињите и да стопат маст. Ветерот толку дувал кон Конаците што утрото, Х’взи паша разгневен од свежото свинско заклано, ги иселил чифчиите од оваа страна на Конакот. Од неговите пак, тогаш изречени зборови: “барем брдо овци да колевте…“, со текот на времето се извело и името – Бардовци!
Преданијата велат, дека народот видел многу мака додека Конакот, кој е денес заборавен дел од една историја и едно дамнешно поинакво време, се градел. Каменот се носел дури отаде Орман, од местото викано Црн Камен, до денешниот рудник Бањани, рака на рака во синџир живи луѓе долг седум-осум километри. Денови, месеци, кој знае колку време. Трите хектари чифлик биле обградени со дебел бедем и со осум кули ѕидани.
. И денес од постарите староседелци на Бардовци можете да ги чуете приказните дека Х’взи паша имал девет жени (во турските дефтери се забележани само 4), булук деца, преку 30 робинки што го опслужувале него и неговите заптии, дека бил правичен кон тукашниот народ и благ кон своите чифчии, поради што во едновековното владеење на неговото семејство луѓето не виделе зулуми.

Според него, Х’взи паша, бил единствениот кој донирал пари да се подигне првата мала црквичка во Бардовци, на чие место многу години подоцна е изградена сегашната црква „Света Тројца“. Тоа го направил по убедување на некои Турци за да може една од неговите болни ќерки кои имала потешкотии со одењето да оздрави, што и се случило, како што останало да се пренесува од мештаните. Дотогаш во селото не само што немало црква, туку немало ни обично светилиште!









































