
* 1о октомври1946.- Во Скопје, во црквата „Свети Спас“, со сите државни почести и пред повеќе илјади граѓани од цела Македонија, беа положени моштите на истакнатиот македонски револуционер и идеолог Гоце Делчев, кои два дена порано македонската делегација ги донесе од Софија. Ги заколнуваме поколенијата, светите коски да бидат погребани во идната столица (главен град) на независна Македонија. Така гласи заветот на ковчегот со посмртните останки на македонскиот великан Гоце Делчев, чие исполнување почнало на денешен ден
➕ЗАВЕТ➕

-1906 г.-Три години по загинувањето на Гоце, војводите Михаил Чаков и Таската Серски една ноќ одат тајно во селото Баница во Егејскиот дел на Македонија и ги откопуваат коските на Делчев. Ги потопуваат во шпиртус, ги ставаат во сандак и ги положуваат кај олтарот на црквата во село Баница. Го задолжуваат клисарот Никола да ги чува коските.
-1919г.-За време на Балканските и Првата светска војна, селото Баница трипати е запалено, а еднаш е палена и црквата, но олтарот и сандакот со моштите на Гоце останале неоштетени. За да ги зачува коските, Михаил Чаков повторно оди во селото, ги зема моштите и ги пренесува тајно во куќата во која живее, каде во подрумот ги чува 4 години.
-1923 година 2 август – Илинден Ковчегот со посмртните останки на Гоце по 4 години е изнесен од куќата на Чаков и однесен да се чува во просториите на „Илинденската организација“ во Софија.
Илинденската организација во Софија била организација на македонските револуционери – емигранти, кои биле следбедници на идеалите на Гоце Делчев за независна македонска држава.
Пред ковчегот да биде изнесен од домот на Чаков, на него е запишан следниот ЗАВЕТ:
„ Ги заколнуваме поколенијата, светите коски да бидат погребани во идната столица (главен град) на независна Македонија. Август 1923, Илинден“.
Пренесувањето на коските на Гоце во просториите на „Илинденската организација“ во 1923, е документирано и снимено со камера од македонскиот револуционер и публицист Арсениј Јовков, во документарниот филм “Македонија“.

Филмот набргу ќе биде забранет од бугарските власти, а една година подоцна во 1924 Арсениј Јовков е заклан по наредба на бугарскиот џелат Ванчо Михајлов.
-1946, Октомври по завршувањето на Втората светска војна, Македонија бара од Бугарија коските на Гоце да бидат пренесени во Република Македонија.
Предавањето на моштите на Гоце Делчев е одобрено од тогашниот бугарски претседател Георги Димитров, кој по потекло е Македонец од Пиринска Македонија.
Македонците во знак на почит, три дена (7, 8 и 9 Октомври) пешки го носат ковчегот од Софија преку Пиринска Македонија, Струмица, Штип до Скопје.
-10 Октомври Гоце Делчев е погребан во кругот на старата скопска црква Свети Спас.
Заветот е исполнет и коските на Гоце се донесени во Скопје – главниот град на единствениот слободен дел на Македонија.
ВЕЧНА ТИ СЛАВА ВОЈВОДО!
*10 октомври1904.- Во Скопје е роден Сотир Ставридис, македонски хирург и уролог, прв асистент во Хируршката клиника во Скопје, основана во 1947 година, на чие чело, како директор застана половина деценија подоцна. Тој е основач и прв раководител на Уролошкото одделение на Хируршката клиника. Во својот плоден твореки живот објави повеќе од дваесет стручни трудови од областа на хирургијата и урологијата. Умре во Скопје, на 26 јануари 1961 година.

*10 октомври1910.- Во Прилеп е роден Димитар (Димче) Стојанов – Мире, професор по историја, учесник во НОВ на Македонија и делегат на Првото заседание на АСНОМ. На Второто заседание на АСНОМ е избран за член на Президиумот на АСНОМ и повереник за просвета на Македонија. Потоа беше министер за просвета на НР Македонија, претседател на Народното собрание на НР Македонија (1951-1955) и директор на Архивот на Македонија (1960-1978). Еден е од основоположниците на архивската служба во Македонија. Умре во Скопје, на 4 септември 1991 година.

*10-11 Октомври 1912 – Активноста на месната селска милиција особено била значајна во реонот на Куманово, каде што, речиси, секое село имало своја чета. Во овој реон, селската милиција броела неколку илјади души. Во времето на движењето на турската војска, милициските чети од тил ги напаѓале турските позиции. На 10 и на 11 октомври, кај село Орашац, селската милиција ги нападнала позициите на турската тешка артилерија и запленила повеќе орудија. Потоа пристигнала четата на ВМОРО со војводата Крсто Лазаров, па во содејство ги нападнале турските сили и на тој начин дале силен придонес во брзото пробивање на српската војска. Во Скопскиот округ дејствувале четите на ВМОРО со кои раководел Тодор Александров. Во скопските села била мошне активна селската милиција, што содејствувала како со четите на ВМОРО, така и со српските чети и со српската војска. Во реоните на Штип и на Кочани четите ги предводеле војводите Ефрем Чучков, Симеон Ѓорѓиев, Оровчанов и други. Во Солунскиот реон најголема чета имал војводата Ичко Димитров. Се појавиле и други партизански водови и чети на ВМОРО, на кои им се приклучувале месните селски чети.

*10 октомври 1927 година во пештера на планината Плачковица, после 20часовна битка против српски војски од 20 откако им привршува муницијата, четниците на ВМРО од Штип, Ипократ Развигоров и Илија Лилинков се самоубиваат.

Ипократ Развигоров, Илија Лилинков и Благој Кралев од Куманово, на 5 октомври во поробениот Штип изведуваат успешна казнена акција на ВМРО против српскиот генерал Михајло Ковачевич.
Нека им е вечна слава!!!
*10 октомври1944.- Во селото Жегљање, Кумановско, е формирана Кумановската (македонска) дивизија, во чиј состав влегоа Шеснаесеттата, Седумнаесеттата и Осумнаесеттата македонска НО бригада. Имаше околу 5.500 борци. Учествуваше во завршните операции за ослободување на Македонија, а по ослободувањето учествуваше во расчитувањето на теренот од балистичките банди.
*10 октомври1944.- Ослободено е Богданци.

*10 октомври1944.- Во селото Лаки, на планината Плачковица, е формирана Деветнаесеттата македонска НО бригада која учествуваше во ослободувањето на Македонија.

*10 октомври 1953 г.починал Антон Лазов Јанев-Ќосето ,македонски револуционер, деец на ТМОРО/ВМОРО. Познат како Андон Ќосето или Андон Велешанецот, од 1896 година бил борец во четите на Михаил А. Попето, Јане Сандански, Христо Чернопеев и други, а потоа формирал своја чета. Во 1897 година учествувал во пленувањето на струмичкиот Назлим-беј, потоа во 1901 година на мисионерката Мис Стон, како и во Илинденското востание во 1903 г.
*10 октомври1967.- Во Скопје, на свечената седница на Собранието на СР Македонија, е извршено свечено отворање на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). На 23 февруари 1967 година е донесен Законот за основање на МАНУ, а на 9 октомври 1967 година е извршено конституирањето на МАНУ.
*10 октомври1994.- Во Скопје е отворен Ургентно-хируршки центар при Медицинскиот факултет

*10 октомври1996.- Пуштен е во сообраќај автопатот Тетово – Гостивар во должина од 20 километри

*10 Октомври 1999 – Митрополитот Злетовско-струмички/Брегалнички Стефан беше устоличен во Охрид како петти поглавар на Македонската православна црква. Световното име му е Стојан Велјановски (р. Добрушево, Битолско, 1955). За митрополит беше хиротонисан во 1986 г.