*24 февруари 1952.- Во Торино, Италија умре Христо Татарчев, еден од основоположниците на Македонската револуционерна организација во Солун од 1893 година. Беше претседател од нејзиното основање, па се до 1901 година. Роден е во Ресен, на 16 декември 1869 година.

*24 февруари 1939 г. роден е Дики Бојаџи-маратонско пливање,има освоено многу републички трофеи ,медаљи и награди .Во 1956 г. 1 место на трката Горица-ОхридВо 1960г.во Италија на трката Капри-Неапал ,прво место ,што преставуваше чудо-сензација во пливачкиот спорт,на истиот турнир во 1961г.-3 место,во 1963г.-4 место,во 1966-4 место и многу други 2,3 и 4 места на многу меѓународни турнири во Сад ,Канада и други Добитник на многу државни признанијаа и награди.

*24 февруари 1946.- Во Скопје, на иницијатива на македонските уметници Никола Мартиновски, Лазар Личеноски, Димо Тодоровски, Здравко Блажевиќ, Борко Лазески и на други, е формирано Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ).

*24 февруари 1976.- Во Охрид умре Димитар Митрев, македонски литературен критичар и есеист, публицист, академик, професор на Филолошкиот факултет во Скопје. Негови познати дела се “Пиринска Македонија во борба за национално ослободување”, “Вапцаров”, “Критики и огледи”. Роден е во Деде Агач, на 4 октомври 1919 година.

*24 февруари 1969 во Скопје се одржа Светското првенство во хокеј на мраз. Во нашиот главен град се играа натпреварите од Ц групата. На турнирот учествуваа селекцијата на Јапонија, Швајцарија, Унгарија, Холандија, Бугарија и Данска. За потребите на првенството почна изградбата на лизгалиштето под Кале. Со тоа почна и раѓањето на квалитетниот македонски хокеј, кој имаше свое златно доба во следните две децении, со кулминација во средината на 80-тите години.
*24 февруари 2003.- Поради штрајк на вработените во НИП „Нова Македонија“ не излегуваа весниците „Нова Македонија“, „Вечер“ и „Бирлик“. Весниците почнаа да излегуваат на 5 март 2003 година.
*24 февруари 2006.- Во Скопје на 70-годишна возраст почина спикерот Томе Саздов, еден од дојаените на спикерската професија. Слушателите го паметат по препознатливиот глас со кој 40 години непрекинато помина пред микрофоните на Радио Скопје. Саздов беше и еден од првите водители на многу манифестации на македонската естрада, а се занимаваше и со проучување на говорот и правоговорот на Македонското радио.
*24 февруари 2013.- Во 84-та година од животот почина писателот Петар Костов. Беше член на ДПМ од 1971 година. Роден е во Битола во 1928 година. Работел во Македонската радио-телевизија. Зад себе има богат прозен и драмски опус. Автор е на книгите „Бог да го прости Чарли“, „Пак кукуригаат црвените петли“, „Кулата“, „Црвен дожд“, „За виното, водата и Анѓелија“ и други.

*24 февруари 2014.- На 55-годишна возраст почина познатиот македонски фоторепортер Чедомир Ненковиќ. Професионално се занимава со фотографија од 1980 година кога почнал да работи како фото-дописник за загрепски „Вјесник“, а подоцна работел во македонските дневни весници „Вечер“, „Дневник“ и во неделниците „Пулс“ и „Дневник 7“. Соработувал и со странските новински агенции Танјуг, Ројтерс, Асосиед прес и ЕПА. Дипломираниот историчар на уметност за својата фоторепортерска работа има добиено награди меѓу кои Гран при на Годишната изложба на Здружението на фоторепортерите на Македонија во 2002 година и награда од ОН за серија фотографии од косовската бегалска криза во 1999 година. Роден 1958 година во Битола









































