Елизабета Павловска-Атлетика

0
402
ЕЛИЗАБЕТА ПАВЛОВСКА – МАКЕДОНСКА РЕКОРДЕРКА НА 100 МЕТРИ ПРЕЧКИ И УЧЕСНИЧКА НА ОЛИМПИСКИТЕ ИГРИ ВО БАРСЕЛОНА, 1992 ГОДИНА Поминаа прилично години откако нашата позната рекордерка и учесничка на Олимписките игри во Барцелона, 1992 година, Елизабета Павловска, го напушти Скопје и се пресели во Канада каде денеска живее. Родена е во с. Миладиновци, каде го посетуваше основното образование во ОУ “Браќа Миладиновци”. Уште во овој период, Павловска се истакнуваше со извонредните физички предиспозиции, пред се скочноста и брзината. Во 1985 година, на училишните натпревари за основните училишта, ја откри тренерот на АК “Работнички”, Мето Веновски со кого ги правеше првите чекори на атлетската патека. По извесно време, се префрлува во АК “Скопје”, каде работи со познатиот тренер Ташко Благоев.
Новиот клуб во кој тренираше, во своите редови имаше повеќе атлетичари и атлетичарки, од кои повеќето беа рекордери и репрезентативци. Набргу, нејзината основна дисциплина стана 100 метри со пречки, во која сеуште е македонска рекордерка, но мошне успешна беше и во скок во далечина, 100 метри, како и во неколку други дисциплини, па подоцна настапуваше и во дисциплината седмобој. Брзо влезе во репрезентацијата на Македонија за помлади младинки, а се сеќавам како водач на екипата патуваше со мене и на Партизанската олимпијада во Фоча, каде беше нашата најуспешна претставничка. Посветеноста кон атлетиката, на Павловска и донесе наслов на првак не само на Македонија, туку и на Југославија. На државното првенство на Југославија, одржано на 21 јули 1990 година во Сплит, на 100 метри пречки, го освои I место и стана шампионка на Југославија, со време 14,49 сек. Со оглед дека таа година дојде до фузија на два клуба од Скопје, новиот клуб за кого настапуваше се викаше” Вардар – Скопје”. Покрај вој успех, таа настапи и во дисциплината 100 метри, во која беше вицешампионка на Југославија со време 12,70 сек. Наредната, 1991 година, на 21 август, на државното првенство за јуниорки, одржано во Суботица, Павловска го повтори успехот од претходната година, освојувајќи го I место со време 15,00 сек. Овој пат настапи и во дисциплината скок во далечина освојувајќи го V место со прескокати 5,16 м. Иако беше јуниорка, Павловска настапуваше и на сениорските натпревари на Југославија. На сениорското првенство на Југославија, одржано во 1990 година во Сараево, на 100 метри, Павловска беше V, со резултат 12,66 сек. Како сестрана атлетичарка, Павловска успешно настапуваше и во седмобој, а нејзиниот најдобар резултат изнесува 4.573 бодови, постигнат во 1990 година. Во својата богата кариера, ги бранела боите на Југославија вкупно 9 пати, и тоа како јуниорка. На Европското првенство во Солун, во 1991 година, на 100 м. пречки, го освоила III место. Спортските успеси во 1991 година, и овозможиле да во изборот на спортист на Макдонија, Павловска го освојува VI место, со што се вбројува меѓу најуспешните спортисти во тој период. Голем успех постигнува и на меѓународниот митинг во Софија, 1992 година, освојувајќи го IV место. Првите Олимписки игри на кои настапија македонските спортисти откако нашата држава стана самостојна и суверена, се одржаа во Барселона, Шпанија, во 1992 година. Тогаш, петте спортисти од Македонија, меѓу кои беше и Елизабета Павловска, настапија под олимписко знаме, под името Независни олимписки учесници, поради тоа што нашиот Олимписки комитет се уште не беше примен во ИОК. Елизабета Павловска настапи во квалификациите на 100 метри со пречки, во четвртата квалификациона група. Трката ја заврши како последна, осма, со време од 14,28. Со тоа заврши нејзиниот настап на Олимписките игри во Барселона. Во 1993 година, на отвореното првенство на СРЈ во Белград, го освојува I место, додека во истата трка, познатата седмобојка и рекордерка Марина Михајлова Дамчевска, беше втора. Тоа беше вистински триумф на македонските претставнички. Таа година, најдобриот резултат на Павловска изнесуваше 13,82, или изразено во тогашните таблици на ИААФ, 1064 бодови. Нејзиниот успех, како и резултатот на Марина, ни дадоа инспирација на нас од ОО на меморијалот “Лазо Милошевски”, во 1993 година, во програмата да ја вклучиме и трката 100 м. пречки. И во оваа трка Павловска триумфираше со резултат од 13,95 сек.,што претставуваше највисок рејтинг на митингот. На 24 мај 1994 година, на атлетскиот митинг во Софија постави нов македонски сениорски рекорд на 100 м. пречки, кој изнесува 13,36 сек. .
Овој резултат сеуште се наоѓа на листата на сениорските рекорди на Македонија. Истата година настапи на Европското атлетско првенство во Хелсинки во трката на 100 м. пречки, како и на ЕП во сала во Париз, каде настапи во дисциплината 60 метри. По Европското првенство полека ја губеше мотивацијата за атлетиката и новите спортски предизвици. Постојаните напори за барање спонзори и обезбедување услови за трнинзите и натпреварите, делува демотивирачки како кај неа, така и на управата на клубот и тренерот Благоев, што значеше и напуштање на атлетиката во 1995 година. Како завршен средношколец во Медицинското училиште “Панче Караѓозов” во Скопје, започна да се подготвува за новите предизвици во животот, подалеку од атлетската патека, напорните подготовки, големите натпревари, публицитетот …. Наскоро патот ја одведе на другиот крај на светот, во Канада, каде денес живее со своето семејство. Фотографијата е од мојата збирка, а снимена е по завршувањето на трката на 100 метри, на меморијалот “Лазо Милошевски”, 1992, во која Елизабета Павловска го освои првото место.
 Текст и фотографии на Мирослав Бошковиќ,  поранешен атлетичар,а потоа и секретар  на АК Вардар,како и долгогодишен атлетски работник и меѓународен атлетски судија.

 

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука