Едно време, кога орачите од Св. Наумовиот манастир си орале на нивите, им дошла една мечка, и им изела еден од орачките волови.
Ралото или плужницата им останала со еден вол, та не можело веќе да се ора.
Орачот со трчање дошол во манастирот и го известил егуменот, оти мечката дошла на нива, и му го изела едниот вол.
– Сега немам – рекол орачот – со што да доорам нивата.
– Оди си ти на нива – му рекол егуменот, – тамо ќе си го најдеш волот во плугот, впрегнат во јаремот.
Орачот отишол на нива, кога што да види? – Чудо големо! Мечката, што го изела волот, впрегната била на плугот во јаремот заедно со другиот вол. Орачот си доорал нивата со еднијот вол и со мечката до него, впрегната во јаремот.
И до ден денеска тоа чудо стои напишано на иконата Св. Наумова и на камењата под мостот Дримски, близу до манастирот.
(Легенда запишана од Кузман Шапкарев)