КСАНТИКА(Светлина,виделина,од 1 до 31 март)

0
105

Старите Македонци имале свои верувања и обичаи, свои култови, а еден од најразвиените и најмилите им бил култот кон Ксантика. Многу народи и религии денес имаат денови за прочистување од негативна енергија, но ниеден народ нема празник стар 3000 години, што се задржал до ден денешен. Македонскиот народ има празник кој е наречен „Ксантика“ и се слави на почетокот на пролетта, од 1 до 31 март.

 Овој празник за првпат е споменат во записи од Хесиод, кој вели: „Народот кој живее северно од Олимп прославува празник со силни чувства и емоции“.

Самиот збор „Ксантика“ означува светлина, виделина, а според старомакедонските митски преданија тој е епоним од името на божицата на цвеќињата Ксантија во која бил заљубен богот Македон.

Легендата вели дека нашиот бог Македон, по кого е наречена Македонија во 814 год. п.н.е., е син на богот Зевс. Македон се вљубил во божицата Ксантика, која била негова прва и чиста љубов. Меѓутоа, злите духови решиле да ја претворат Ксантика во цвет. Кога Македон го дознал тоа започнал да ја бара меѓу пролетните цвеќиња. Оттогаш, секоја пролет Македон ја бара Ксантика. Неговото трагање трае 30 дена, а за тоа време ние, Македонците, го прославуваме празникот Ксантика, простувајќи си и посакувајќи си исполнување на сите желби. Во ова празнување секој кој бара прошка (или ја дава), си посакува желба и подарува рачно изработена мартинка, извезена од две бои – црвена и бела. Црвената боја е знак на будење на животната енергија, додека пак белата боја ја симболизира невиноста. Црвената боја ја претставува љубовта на Македон, а белата – чистата, невина, љубов на Ксантија.

За време на празнувањето, жените и мажите, младите и старите ја истакнувале облеката што била исткаена и исплетена во зимскиот период, и се славело со развиорени ора и мелодични песни. Во некои региони на нашата земја и ден денес можат да се видат црвено-белите симболи познати како „мартинки“. „Ксантика“ се празнувала и сè уште се празнува цел месец и не се заборавила до ден денешен, затоа што длабоко е вкоренета во нашата култура и традиција. Таа секоја пролет е со нас. Трагите од ова древно празнување ги гледаме во празнувањето на Прочка, Цветници, Младенци, Лазарица, Тодорица, Летник и Благовец.

Претходниот артикал,КРАНГОВА ПАЛАТА-СКОПЈЕ
Следната статијаДел од Марино и Кадино

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука