МОСТ ЕЛЕН СКОК

0
113

Елен Скок во околината на с. Могорче, во Реканскиот крај,Убавина Бесценета!

А, за овој мост постојат и неколку легенди

Прва

Според првата легенда, мостот е изграден во знак на сеќавање на момчето кое за да ја одбрани честа на својата девојка убил еден турски бег. По настанот, Турците пратиле силен аскер за да го фатат. Гонет од аскерот момчето бегало и стасало до надојдената Мала Река. Во тој момент на очај и безизлез за момчето, од шумата се појавиле самовили и го претвориле во прекрасен елен, кој без проблем ја прескокнал реката. Подоцна, во знак на сеќавање на настанот, но и како благодарност до самовилите, селаните го изградиле мостот.

Втора

Другата легенда раскажува за бегот кој со својата војска се обидувал да улови еден елен којшто постојано им бегал и никако не допуштал да му се приближат. Иако бил ранет, еленот не им се предавал ни во оној момент кога бегството речиси било невозможно. Кога се нашол на брегот на Мала Река, не двоумејќи се, скокнал на другиот крај на реката и таму починал. Восхитен од неговата храброст и упорност да достои до крај, не предавајќи му се на непријателот, бегот наредил во негова чест да се изгради мост, што ќе го симболизира тој судбоносен скок на еленот.

Трета

На планината Стогово, во непосредна близина на селото Могорче, ловџија од селото одејќи на лов пресретнал елен. Ја подигнал пушката за да пука. Но, кога еленот го погледал, сфатил дека еленот со топлиот поглед и ставот како да го моли да не пука, да не го убива. Ловџијата бил маѓепсан, ја спуштил пушката, се доближил до еленот и почнал да го гали, а тој со главата го гушкал и го изразил своето пријателство. Така ловџијата и еленот се спријателиле и секој ден се дружеле. За средбите со еленот ловџијата им раскажал на селаните. Тие едно утро се упатиле да го бараат. Го сретнале и се обиделе да го фатат. Но, еленот почнал да бега и за да не стане плен на непознатите, се обидел да ја прескокне реката. Но, не успеал во тоа. Скокот бил за неколку педи пократок и ги скршил предните нозе. Во спомен на храброста и убавината на еленот, селаните на Могорче, кои биле прочуени мајстори, го соѕидале овој мост со невообичаена градба и архитектура.

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука