Шах со живи фигури бил игран во Битола пред 90-на години. Овој необичен карневалски настан низ фото објективот го овековечиле браќата Манаки. На оригиналната фотографија снимена во 1924 година се гледа дека натпреварот се одржал на терен обележан како шаховска табла. На просторот имало живи луѓе облечени во костими како шаховски фигури – крал, кралица, топови, коњи, пиони. Околу многубројна публика.
„Пред Црвената касарна која била разрушена од бомбардирањето во Првата светска војна, двајца жители на Битола, едниот Чех и професор во гимназијата, Адолф Бартипан, и извесен српски офицер Чопи, играат шах со живи фигури. Луѓето како коњи и пиони биле на шаховското поле. Овие двајца пак, седеле во ложа и се мезеле, пиеле ракија и кажувале по кои полиња да се движат. Ова е една луда фотографија која го покажува уште полудото време тогаш“, вели професорот по фотографија и истражувач на делото на Манаки, Роберт Јанкуловски.Од настанот браќата Манаки оставиле серија од десетина стаклени плочи, кои служеле како материјал за сликање пред да се појават фото филмовите. Тие се зачувани во Историскиот архив во Битола.








































