Бујковци – Основни податоци

0
834

*Бујковци се наоѓа во источниот дел на Скопската Котлина .
Селото е рамничарско и лежи на надморска височина од 300 метри .Распослано е во подножјето на ридовите кои се издигнуваат кон запад, а непосредно веднаш до самото село од исток е рафинеријата за нафта „ОКТА“. Од градот Скопје селото Бујковци е оддалечено 25 километри. Атарот на селото зафаќа површина од 8,5 км², на кој обработливото земјиште зазема простор од 516,2 хектари, пасиштата 241,7 хектари, а шумите само 1,3 хектари. Бујковци е село од збиен тип издолжено од север кон југ. Северниот дел кој е постар и каде што се наоѓа селската црква се нарекува Горно Маало и во него куќите се наоѓаат поблиску една до друга, додека по Првата светска војна во јужниот дел се основало Долно Маало чии куќи се поодалечени една од друга и со обработени површини околу нив.
Во пишаните историски документи селото Бујковци се споменува уште во средновековието. На повеќе места источно од селото во правец на автопатот и пругата се наоѓани поголем број старини како гробиштата со остатоци од старословенски и римски гробови, остатоци од градби, темели и ќерамиди поради што може да се претпостави дека тие се остатоци од некогашното средновековно село кое се раселило кон крајот на 17 век односно во времето на Карпошевото востание и Австро-турската војна од 1689 година. Голема е веројатноста на оваа претпоставка, ако се има предвид дека географската местоположба на селото Бујковци се наоѓа токму во средиштето на ова востание и голема војна. Сегашното село Бујковци најверојатно е основано на почетокот на 18 век. До крајот на отоманското ропство постоеле повеќе чифлици на „стари беглери“ кои живееле во Скопје и еден новоснован чифлик пред самиот крајот на владеење од страна на албанскиот род Кајраковци од скопското село Љуботен. За време на турското ропство според населението Бујковци било чисто македонско село, при што Македонците ја обработувале земјата на чифлиците и живееле во „беглерски“ куќи, додека како лична сопственост ја имале само живата стока. Во 1908 година селото имало 23 македонски домаќинства, но поради тогашните комитски акции на четите на ВМРО на железничката пруга и репресалиите на турската власт некои македонски семејства се иселиле во Скопје, при што во 1912 година при заминувањето на отоманската империја Бујковци било затечено со 15 македонски домаќинства. На поединечни предели на голите ридови западно од селото во минатото сѐ до 19 век постоеле шуми кои во тоа време биле исечени и „ископачени“ за потребите за правење барут во селата Јурумлери, Кадино, Трубарево и Белимбегово во Скопското Поле. По заминувањето на турската власт обработливото земјиште од чифлиците им било доделено на жителите на селото, додека по Првата светска војна три предели со пасиштата од страна на српската власт биле доделени на колонистите кои биле населени во соседното село Мршевци.
Сѐ до изградба на селската црква, селото Бујковци  немало своја црква, заради што за верски потреби биле посетувани црквите во прилично одалечените села Таор и Студена Бара, сѐ до изградбата на познатиот Дељадровски манастир манастир во Дељадровци. Во селото уште во турско време „на сила“ бил поставен камен крст посветен на Свети Атанасиј, кој и денес постои зачуван и ограден веднаш до новоизградената селска црква. За селските слави Св. Атанасиј и посебно за Ѓурѓовден селаните од Бујковци со своите гости и селаните од околните села сѐ до 1924 година приредувале голем општонароден собор во месноста Светец во атарот на соседното село Текија, по што соборот бил преместен во тогаш новоизградениот Дељадровски манастир.
Потекло и значење на името
Името на селото Бујковци потекнува од македонскиот јазик. Според проучувањата на топономастиката во периодот меѓу двете светски војни за името на селото Бујковци се смета дека е придавка („адјектив“) од прекарот („хипокористик“) Бујко кој доаѓа од личното име Буислав. Ваква претпоставка за потекло на името Бујковци од личното име Бојко доста присутно во средновековниот период (како и денес) може да се потврди и со записот за селото во Душановата грамота од 14 век по обликот Боиковци. Во ваков облик Бујковци би имало значење на село во посед на некој Бујко (или Бојко). Сепак врз основа на географската местоположба во земјен и каменест дол на Бучинската Речица, за името на селото Бујковци може да се даде претпоставка и дека потекнува од македонскиот збор буица со значење на вода што тече силно, брзо, што надоаѓа обично по пороен дожд. Ако се земе предвид местоположбата на Бујковци во самото подножје на ридовите со неколку испресечени помали долови, а на самиот крај и дно на широката долина на Бучнската Речица од билото на Скопска Црна Гора, појавата на буици по силни поројни дождови била честа појава како во минатото така и денес, поради што можно е името да потекнува од овој збор со што Бујковци би значело место каде што има буици и бујна вода.
Родови
Старински родови се: Крстевски (слават Св. Архангел) порано се презивале Узуновци и Златановци, Митковци и Радевци (двата рода слават Свети Никола). Ваневци се една од најстарите и најголемите родови во Бујковци (доколку некој знае повеќе за нив , нека пише во порака малку повеќе за нив)Доселенички родови се: Јовчевци (слават Св. Архангел) кои дошле во XIX век од Овче Поле Гајдарџиовци (слават Св. Архангел) се доселиле од с.Ѓуземелци во Овче Поле – Светиниколско), Битолци (слават Св. Никола) се доселиле од некое село во околината на Битола, Атанасковци (слават Св. Никола) дошле од соседното село Бучинци при што сите овие родови се населени за време на отоманското владеење, додека по Првата светска војна се доселиле родовите: Симоновски, Јаневски, Крстевски, Ацеви, Шаркови, Спасевски сите од с.Љубанци, Гроздановски од с.Романовце со подалечно потекло од Пезово во Кумановско. По Втората светска војна постепено се населиле околу 10 домаќинства на Македонци од селото Герман и други села во околината на Крива Паланкаво селото познати како „Шопови“, чие доселување сѐ уште траело во 60-тите, но и во 70-тите и 80-тите години на ХХ век.
Во Бујковци во 2000 г. започната е градба на црква,Успение на Пресвета Богородица , осветена е во 2011година, а фрескописот е завршен во 2018 година .Храмот се наоѓа на веднаш над последните куќи во самото село Бујковци. Бидејќи во селото Бујковци во минатото немало црква заради што селаните за верски потреби ги посетувале црквите во поодалечените села Таор и Студена Бара, овој црковен храм е новоизграден крај камениот крст посветен на Св. Атанасиј кој бил поставен „на сила“ уште во отоманско време.
Демографака состојба:1900г-105жители; 1905-120; 1914-129; 1921-156; 1941-380; 1948-509;- 1953-485; 1961-543; 1971-554; 1981-609; 1994-645; 2002-646 и во 2021 -918 жители.

Во периодот 1945-1955г., Бујковци било дел од тогашната Општина Бунарџик.
Од 1955г.до 1965 г. било во состав на општина Петровец.
Во периодот од 1965 до 1968 било во состав на општина Кале ,
Од 1968 до 1976 година било во состав на општина Гази Баба.
Од1996 година,  е во составот на општина Илинден.

 

Претходниот артикал,Миладиновци – Основни податоци
Следната статијаМршевци – Основни податоци

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука