- Со оглед на тоа што во населба Илинден живее голем број население кои се доселени од Кучевиште како: Раеви , Видини, Дурански,Црничин, Ниниќиви и други со нивна согласност ја споделуваме објавата на ФБ страницата Kuceviste за семејните родови од Кучевиште.
Родови Селото Кучевиште е во целост населено со родови на Македонци од православна христијанска веросиповед чие потекло е староседелско, како и доселеничко од други делови на Македонија или соседни села на Скопска Црна Гора и во долината на Биначка Морава (некои се денес во рамки Косово), а поради силното српско влијание и пропаганда дел од луѓето и денес имаат српско самосознание. Како најстари родови во Кучевиште се сметаат: Бојкикевци (слават Свети Никола) од кои една родовска гранка се нарекува Поповци од која пак потекнувале селските свештеници меѓу кои и познатиот митрополит Натанаил Кучевишки и Црничани (слават Св.Архангел). Доселенички родови од север и севрозапад се: Белинци (слават Митровден) дошле од раселеното селиште Гиновци во долината на Белинска Река на Скопска Црна Гора каде и денес една месност се нарекува Белинско Гумно; Комненови (слават Св. Ѓорѓи) доселени од сега албанското село Мијак во долината на Биначка Морава, Рајчини и Шегманови (слават Свети Никола) потекнуваат од соседното сега албанско село Брест на Скопска Црна Гора; Рајовци (слават Св. Ѓорѓија) се доселиле од денешното албанско село Шашаре во долината на Биначка Морава; Неделчини (слават Св. Ѓорѓија) се доселиле од селото Пожарање во долината на Биначка Морава; Ниникеви (слават Митровден) се доселиле од селото Никовци во долината на Биначка Морава; Славкови (слават Св. Ѓорѓија) дошле од селото Славковци(?) во долината на Биначка Морава. Доселенички родови дојдени од југ се: Каровчеви (слават Света Петка) се сметаат за многу стар род кој во Кучевиште се доселил од сега раселеното село Бошњани кое се наоѓало во Скопското Поле; Чакалови и Колеви (слават Св. Петка) и тие се доселени од споменатото Бошњани; Пигулови (слават Свети Никола) се доселиле од некое село во Скопска Блатија; Џајкови (слават Св. Ѓорѓија) потекнуваат од домазет дојден од Љубанци, Усовци (слават Св. Ѓорѓија) се доселиле од скопското село Усје. Родови со непозната старина на доселување се: Нешкови (слават Св. Архангел) се најголемиот селски род, а една нивна родовска гранка се нарекува Жабовци; Гурмешови и Шијакови (слават Митровден) поедини родовски гранки на првиот род се нарекуваат Агови и Шутаковци; Пиркови, Путеви, Емширови и Салчови слават Св. Петка; Маркови, Мазневци и Вељови слават Св. Никола; Видини наречени според некоја баба Вида, Киранџијци и Чекови од кои потекнува познатиот кошаркар Ѓорѓи Чековски слават Св. Ѓорѓија; Дуранци слават Св. Богородица Пречиста; Тенови слават Митровден.
Преземено од ФБ страница Kuceviste