Миладиновци – Основни податоци

0
483

*Миладиновци се наоѓа во источниот дел на Скопската Котлина на 20 километри оддалеченост од градот Скопје, шест километри од општинскиот центар,односно од Илинден.. Селото се наоѓа веднаш од левата страна на автопатот „Акександар Македонски“ и десната на железничката пруга кон Куманово и Белград. Миладиновци е рамничарско село расположено на надморска височина од 265 метри. Атарот на селото зафаќа површина од 14,6 км² од кои обработливото земјиште зафаќа површина од 700 хектари, а пасиштата 625 хектари.
Геостратегиска важност на местоположбата
Миладиновци се наоѓа на најповолната и стратешки најзначајната географска местоположба во Македонија, па и пошироко во регионален меѓународен контекст. Имено самото село се наоѓа на местото каде што се вкрстуваат двата меѓународни пан-европски сообраќајни коридори 10 (север-југ) и 8 (исток-запад), а воедно претставува и крстосница во правец на Овче Поле и Источна Македонија поради што во 2014 година е започната изградбата на нов модерен автопат на делницата Миладиновци – Штип.Со тоа Миладиновци ќе претставува средишна (централна или гравитациона) точка за патниот сообраќај во Македонија, како крстосница во сите четири правци исток, запад, север и југ. Непосредно веднаш до самото село Миладиновци се наоѓа и Аеродромот „Александар Велики“. Во селото Миладиновци е сместена и истоимената железничка станица на меѓународната железничка пруга Скопје – Куманово – Белград (а во иднина и Софија), која уште во отоманско време била значајна и најголема собирна товарна станица за житото наменето за трговија на пазарите во Скопје и Солун.
Денешното село Миладиновци е формирана кон крајот на XVIII век. Според едно предание селото го основале доселеници од прилепското село Мажучиште, кои тука се населиле за да се засолнат од потерата која ги барала поради убиство на некои арачлии. Дел од преданието вели дека овие доселеници уште во стариот крај во Прилепско имале проблеми со турските власти поради нивната поврзаност и помагање на македонските ајдутските чети. Друга малку повидоизменета верзија вели дека селото го основале („туриле колец“) турскиот род Алиловци (од „Оросан во Арабистан“, а веднаш по нив на имотот на чифликот на Ракип-бег се доселиле предците на македонскиот род Трајанковци, кои пребегнале од Прилепско откако таму двајцата браќа близнаци Трајан и Трајко убиле некој човек (Турчин – даночник т.е. „арачлија“) при што тука дошол Трајан, а Трајко заминал на Овче Поле. Кон крајот на XVIII век најплодната земја на селскиот атар припаѓала на познатиот силен Ракип-бег, а на нивната земја до пред крајот на турското владеење биле основани уште 3 чифлици на кои работеле само македонските христијански жители, додека постојано населените муслимански семејства имале своја земја. Уште за време на отоманското владеење жителите Македонци од селото се одликувале со голем слободљубив, револуционерен и македонски непокорлив патриотски дух, поради што селото дало повеќе познати борци за слободата на Македонија, меѓу кои и двајца познати скопски војводи. Во 1880 во селото се родил Васил Аџаларски познатиот скопски и кумановски војвода на ВМОРО, а две години подоцна во 1882 во истото село се родил неговиот братучед Трифун Аџаларски исто така самостоен војвода во Скопско и Кичевско, кои своите прекари ги земале од тогашното име на селото кое било Аџалари.
Кон крајот на XIX век во 1896 година во записите во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ македонскиот револуционер Ѓорче Петров за селото Миладиновци, тогашно Аџалари, запишал дека тоа било основано од некој ага пред околу 250 години и дека во неговата непосредна близина во месноста Оџино Трло се случил бојот меѓу Френк-Омер паша кој бил испратен во Скопско да го потчини одметнатиот Хамзи Паша. Понатаму за селото Ѓорче Петров запишал дека само 5-6 куќи му биле назависни, додека сите останати биле чифлици, а поради неговата значајност во него се планирало да се отвори пазар за околните села од Блатото (Блатија).
Во времето на заминувањето на турската отоманска власт во 1912 година селото било затечено со околу 50 куќи од кои 30 муслимнски и 20 христијански – македонски. Од чифчиството жителите на селото се ослободиле околу 1921 година кога најголемиот дел добиле земја преку аграрната реформа, додека помал дел ја откупиле земјата од муслиманските сопственици. По Втората светска војна околу 80 хектари обработливо земјиште од атарот биле заземени од аеродромот, а околу 150 хектари преземало државното земјоделско стопанство „Скопско Поле“.
Според народно прераскажување некогаш низ Миладиновци течела рекичката од селото Никуштак која извира од гребенот на Скопска Црна Гора. На почетокот на XIX век по смртта на споменатиот Ракип-бег, кумановските бегови се осилиле и ископале вештачко корито на споменатата речица која на тој начин истекува во Куманово..
Источно од селото на два одвоени рида се наоѓа селската црква Свети Илија со селските гробишта која започнала да се гради во 1930, а била изградена во 1945 година. Пред тоа на тоа место постоел постар храм, кој бил запален од германската војска во 1915 година. Оваа стара црква била изградена на местото на еден голем камен крст, за кој се верувало дека го штити селото од град.
Денес непосредно до старата црква мештаните изградија нова црква .
Потекло и значење на името
Од своето основање до денес селото носело повеќе различни имиња. Во времето кога се основало и во текот на отоманското владеење по некој Турчин кој бил аџија селото било наречено и се викало Аџалари. Во различни извори селото познато и под неколку различни облици на ова име како Хаџалари, Аџилари, Аџаларе. Ова име останало во секојдневна употреба од жителите на селото се до првите години по завршувањето на Втората светска војна, а денес е речиси сосема заборавено и непознато како од најголемиот дел на жителите така и од мнозинството граѓани на регионот и државата. По заминувањето на отоманската власт и во периодот меѓу двете светси војни, новата српска (кралска југословенска) власт го променила името на селото во Александрово во чест на српскиот крал Александар I Караѓорѓевиќ. За време на Втората светска војна, бугарската власт името на селото го преименувала во Василево, во чест на Васил Аџаларски . На самиот крај на Втората светска војна со ослободувањето на Македонија селото го добива денешното име Миладиновци во чест на двајцата големи и значајни македонски преродбеници Миладиновци. Денес, сите жители на селото единствено го знаат и употребуваат само името Миладиновци.

Стопанство
Поради својата местоположба Миладиновци уште во минатото имало доста развиен и значаен стопански и економски живот пред сѐ врз основа на земјоделството и сообраќајот. Како што беше споменато според записите на македонскиот револуционер Ѓорче Петров уште во отоманско време Миладиновци била значајна и најголема собирна товарна станица за житото наменето за трговија на пазарите во Скопје и Солун. Во основа железничката станица во тогашно Аџарлари била наменета да ги собира производите од селата во Блатото (областа Блатија) и преку неа се носело жито во СкопјеПонатаму во своите записи од 1896 година Ѓорче Петров за селото Миладиновци запишал дека таму се планирало да се отвори пазар за околните села од Блатото (Блатија), при што спахилакот на селото изнесувал 4200 златни гроша, а данокот изнесувал 16000 златни грошеви. Населението на селото Миладиновци и денес во најголема мера опстојува од земјоделие поради самата местоположба на селото во плодната рамнина на Скопското поле. Во непосредна близина на селото Миладиновци се наоѓа рафинеријата за нафта „ОКТА“ и еден дел од неговото население е вработено во рафинеријата. Во селото Миладиновци постојат и неколку приватни производствени погони – фабрички хали од преработувачката и градежната индустрија во која се вработени жители од селото. Дел од жителите на селото се вработени и во индустриските капацитети во блиската слободна индустриска зона „Бунарџик“, а дел се занимаваат и со други дејности како работници во градежништвото, ѕидари, занаетчиски работници, автопревозници на товарни камиони и возила во државата и странство и стопански дејности во градот Скопје.
Во Миладиновци постои Централно деветгодишно училиште во кое настава посетуваат од наелените места Миладиновци,Бујковци,Мршевци,Бучинци,Дељадровци и Текија .Инаку во истото основно училиште до 1964г.настава посетуваа сите ученици од денешна населба Илинден ,па се до Дивље,односно од сите населени места од денешна општина Илинден со исклучок на Кадино и Мралино.
Население
Порано во селото живееле и поголем број на муслимани , кои биле доселени кон крајот на XIX и почетокот на XX век, а кои започнале масовно да се иселуваат по 1912 година при што до педесетите и шеесетите години на ХХ век речиси целосно се иселиле. Миладиновци забележува голем прираст на своето население во педесетите и шеесетите години на 20 век, со големиот број на доселеници Македонци, во најголем дел од кривопаланечкиот крај, а во помал број и од околните скопски ридско-планински села во долината на Пчиња како Дивле, Сушица, Ќојлија, Горно Коњари, селата по долината на Пчиња во јужниот дел на Кумановско, Овче Поле (Свети Николско), Велешко итн.
Родови
Во Миладиновци денес живее огромно мнозинство од православни Македонци кои биле мнозинство и во минатото кога имало и помал број на Турци. Македонски родови се: Трајанковци кои се делат на Марковци, Пешевци, Здравковци, Трпковци и Николовци (први доселеници во XVIII век дојдени од околината на Прилеп, веројатно с.Мажучиште воедно најголем род во селото и еден од најголемите во Скопско), Шоповци (од с.Четирце – Кумановско), Ѓорчевци или Цветановци (од с.Катланово), Клепевци (од околината на Свети Николе), Корелевци (од околината на Прилеп), Русановци (од блиското с.Сушица во долината на Пчиња). По заминувањето на отоманската власт во Миладиновци се доселиле следните македонски родови: Црногорци од родот Дупиновци (од с.Бродец на Скопска Црна Гора), Максимови (од с.Брешко – Кумановско), Сибинови (од с.Младо Нагоричане – Кумановско), Тодоровски (од с.Облавце – Кумановско), Мачорци (од с.Романовце – Кумановско), Балабановци (од с.Нерав- Кривопаланечко)
Покрај христијанското, пред се македонско население ,на потегот од училиштето спрема Рафинеријата, во Миладиновци живее население од муслиманска вероисповест.
Демографска состојба
Во 1900 г. -260 жители,во 1905 г. -205 жители, во 1912г.-имало 50 куќи ,од кои 30 турски и 20 христијански,во 1914 г. – 259 жители,во 1921 г. – 234жители,во 1953г.-594жители,во 1961г.-806 жители,во1971г.-1007жители,во 1981г.-1315 жител,во 1994г.-1429 жители и во 2002г.-1276 жители и во 2021-1272 жители.

Во периодот 1945-1955г., Миладиновци било дел од тогашната Општина Бунарџик.
Од 1955г.до 1965 г. било во состав на општина Петровец.
Во периодот од 1965 до 1968 било во состав на општина Кале ,
Од 1968 до 1976 година било во состав на општина Гази Баба.
Од1996 година,  е во составот на општина Илинден.

 

Иселени од Миладиновци
Од Миладиновци се забележани поголем број постари иселеници во околните места. Од постаро време од Македонците се забележани иселеници во Скопје и Кисела Вода како и селата Ќојлија, Илинден (Белимбегово), Петровец, од муслиманите мал број иселеници се забележани во Скопје и селата Матка и Ќојлија, додека најголемиот дел е целосно иселен во Турција. .

 

Претходниот артикал,Мралино – Основни податоци
Следната статијаБујковци – Основни податоци

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука