–18 јануари 1862.- Во Цариград, во полициската болница, умре Константин Миладинов, македонски поет, собирач на македонски народни песни и умотворби. По завршувањето на основното образование во Струга и гимназија во Јанина, во 1847 година стана учител во селото Трново, Битолско. На 14 октомври 1849 година се запиша на Филозовскиот факултет (филолошка група) во Атина. По завршувањето на студиите престојуваше во манастирот “Зограф” на Света Гора. По враќањето во Струга, стана учител во битолското село Магарево, а потоа во 1857 година се запиша и студираше словенска филологија во Москва, каде што членуваше во Словенскиот кружок и соработуваше во неговиот весник “Братски труд”, како и во весникот “Дунавски лебед”. На 24 јуни 1861 година во Загреб излезе Зборникот на народни песни и умотворби на браќата Димитар и Константин Миладинови. Роден е во Струга, во 1830 година.

-18 јануари 1830г. во Охрид роден е Григор Ставрев Прличев ,— истакнат македонски писател од времето на ромнантизмот и значаен претсавник на македонската книжевност од XIX век. Овој генијален книжевник според јазичната припадност е тродомен автор: грчки, бугарски и македонски, и ги обединува во себе нивните специфични карактеристики и епохата во која живее и работи, класицизмот и романтизмот, како стилски белези. Тој е писател кому Македонија му е и љубов и судба и болка и очај и неопходност и тага и лулка и гроб. Во 1859 година повторно доаѓа во Атина, како студент на втора година по медицина. Во овој период ја пишува поемата „Сердарот“. Во 1860 ја добива наградата на големиот атински конкурс за најдобра поема на грчки јазик, паричен дел и ловоров венец. Истата година делото излегува од печат. Починал на 6 февруари 1893г.

-18 јануари 1914 г. во село Канино, Битолско,роден е Никола Тодоровски-Коле Канински. По професија бил правник. Основнотои средното образование ги завршил во Битола. Во октомври 1933 г. заминал на студии по право во Белград. Тука се истакнал со дејноста во прогресивното движење. Станал член на КПЈ во 1936 г. По завршувањето на факултетот во 1938 г. се вратил во Битола и продолжил со својот политички ангажман. Поради својата револуционерна активност во време на окупацијата бил неколкупати затворен, а есента 1942 г. се приклучил кон партизанските единици. Во април 1943 г. станал началник на штабот на Партизанскиот одред “Даме Груев”. По формирањето на Партизанскиот одред “Гоце Делчев” на 20 мај 1943 г. станал негов командант. Подоцна бил именуван за политички комесар на Вториот баталјон на Третата оперативна зона, познат и како Битолско-мариовски баталјон на Втората македонска бригада. Бил избран за делегат на Првото заседание на АСНОМ. Загинал како политички комесар на Првата македонско-косовска народноослободителна бригада, во несреќен случај на 22 јули 1944 г., при испробувањето на минофрлач кај селото Буринец на планината Караорман.

–18 јануари 1916.- Во Прилеп е роден Волче Наумчески, македонски писател. Основно образование и Трговско училиште заврши во Прилеп. Поради материјалната необезбеденост мораше да го прекине школувањето и да работи како занаетчија. Со книжевна работа почна да се занимава во 1936 година, а напоредно со тоа и со револуционерна дејност. Подоцна замина во Софија, каде што стана член на Македонскиот литературен кружок. Во 1939 година ја обрајви првата стихозбирка на македонски јазик „Иди пролет“, отпечатена во Битола. Учесник е во НОБ на Македонија од 1941 година, кога уредуваше повеќе партизански весници. По војната објави голем број стихозбирки за деца. Умре во Скопје, на 20 март 1980 година.
–18 јануари 1923.- Во Дебар е роден Љутви Руси, прозаист од албанска националност во Македонија. Негови најзначајни дела се „Партизански приказни“, „Калење“, „Ибе Паликуќа“, „Двајца другари“, „Сомневање“, „Лиман Каба“ и „Глувонемиот“. Од македонски на албански јазик го преведе делото „Везилка“ од Блаже Конески. Умре во Скопје, на 28 февруари 1981 година.
–18 јануари 1992.- Самонаречената турска Република Северен Кипар ја призна независноста на Република Македонија.
–18 јануари 1993.- Владата на Република Македонија донесе одлука за воспоставување на дипломатски односи на Република Македонија со Република Белорусија.
–18 јануари 1995.- Струмица стана членка на Федерацијата на карневалските градови.
–18 јануари 1995.- Република Молдавија ја призна Република Македонија.










































