-Денеска е светски ден на ластовичките

-19 март 1903.- Легендарниот македонски револуционер Гоце Делчев со својата чета го разурнал тунелот кај реката Ангиста, Серско, во Егејска Македонија. Тоа била последната негова акција против османлиската власт пред неговата смрт.
-19 март 1907г.Скопје и скопската околија ги зафатила голема поплаваа и направила големи штети.

–19 март 1925.- Во Прилеп е роден Јордан Грабулоски, македонски скулптор, еден од најистакнатите македонски уметници познат по своите дела не само во земјата туку и во странство. Од неговите дела, со својата грандиозност, убавина и посетеност, посебно место зазема Споменикот посветен на Народноослободителната борба и Илинденското востание во Крушево, свечено отворен на 2 август 1974 година. Умрел во Скопје, на 26 мај 1986 година.

-19 март 1943. – Во Струмица е роден Митко Маџунков, македонски романсиер, раскажувач, драмски автор и есеист. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Белград, на групата светка книжевност со теорија на книжевноста, по што останал да живее во Белград и долго време работел како библиотекар. Во 1970 година станал член на Здружението на писатели на Србија, од 1986 година е член на Друштвото на писателите на Македонија. Во 2003 година бил избран за член на МАНУ надвор од работниот состав, а во 2007 станал редовен член на МАНУ.

-19 март 1982.- Во Скопје умрел Адем Гајтани, писател и преведувач од албанска етничка заедница во Македонија. Автор бил на книгите „Светлина на срцето“, „Морска ѕвезда“, „Лебедова песна“ и други. Роден бил во селото Подуево, Косово, на 21 јули 1939 година.









































