*31 октомври е Меѓународен ден на штедењето
* 31 октомври 1971 година во Кавадарци е роден
Сашко Гешовски, првата жртва од Македонија во воените конфликти кои избувнаа во 1991 година во некогашна СФРЈ. Дваесетгодишниот
Гешовски бил застрелан на 6 мај 1991 година додека чувал стража во
Военопоморската касарна во Сплит за време на демонстрациите од страна на
поддржувачите на независноста на Хрватска.
Во конфликтите кои започнаа во СФРЈ загинаа
четириесетина македонски војници кои се најдоа во редовите на некогашната ЈНА.
Протестите во кои учествувале повеќе од 30 илјади
демонстранти за кратко време прераснале во безредија и престрелки. Еден од
куршумите бил фатален за младиот кавадарчанец. Меѓутоа, до ден денешен остана
непознато како загина Сашко. Според едни кажувања, тој е убиен од хрватскиот
муповец Иван Врдољак, а според други, од негов старешина, поручник на ЈНА.
Трети пак велат дека Гешовски загинал од вкрстена престрелка.
Меѓу другите, почит кон Гешовски и кон жртвите од
распадот на СФРЈ оддал и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

* 31 октомври 1898г. починал Јосиф Ковачев — македонски педагог, реформатор, револуционер, политичар и научник. Тој го основал првото Педагошко-богословско училиште во Македонија. Прв во македонските училишта го вовел и го распространил звучниот (гласовниот) метод во букварската настава, со што значително го олеснил процесот на почетното читање и пишување кај децата. Тој е постар брат на македонскиот револуционер Михаил Ковачев.На 30 – годишна возраст Јосиф ја напишал и ја подготвил за печат „Школска педагогија“, кој е прв учебник по педагогија во Македонија од македонски автор-педагог. На покана на Прилепската црковно-училишна општина, Јосиф Ковачев на 18 јули 1874 година станал учител на 4-годишното педагошко-богословско училиште во Прилеп, каде што останал до 1877 година. Во 1877 година, за време на руско-турската војна, Јосиф Ковачев бил принуден да емигрира во Бугарија, каде ги поминал последните две децении од својот живот. Во текот на овие две децении тој заземал значајни функции во младата бугарска држава. Во 1888 година, на новоотворената Виша школа во Софија тој бил назначен за професор по неколку педагошки предмети (Педагогија, Историја на педагогијата, Педагошка психологија).

* 31 октомври 1912 година, со декрет на грчкиот крал Горгиос Први, Владата во Атина, за првпат во својата историја, воспостави времена управа на окупираните територии во Македонија.Оттогаш, Владата во Атина започнува континуиран и систематски процес на етничко чистење, егзодуси и геноцид врз Македонците во Егејскиот дел на Македонија. Масакрирани се илјадници Македонци, запалени се стотици села и илјадници куќи, забранет е македонскиот јазик, илјадници Македонци се интернирани по островите и насилно протерани од Грција, запалени се и уништени стотици македонски православни цркви.

*31 октомври1918.- Во селото Болно, Ресенско, е роден Димитар Богоевски – Мите, народен херој на Македонија, револуционер и поет. Потекнува од земјоделско и печалбарско семејство. Основно образование заврши во родното место, Граѓанска школа во Ресен, а се школуваше и во Трговската академија во Битола. Се занимаваше со пишување на револуционерни песни. Поради својата револуционерна активност во 1940 година беше уапсен од српската полиција и затворен во Белград. Поради недостиг на докази беше пуштен. Во 1942 година, беше уапсен од бугарска полиција во Ресен. По суровото мачење е ослободен. Во 1942 година учествуваше во формирањето на НО партизански одред “Даме Груев”. Во месноста Долец, во Болонската Планина, Ресенско, во нерамноправна борба против бугарската окупаторска војска и полиција, не сакајќи жив да падне во рацете на окупаторот, се самоуби (заедно со неговиот другар, народниот херој Стефан Наумов – Стив) на 12 септември 1942 година.
* 31 октомври 1937 г. извршено е осветувањето на градскиот водовод на Скопје.
* 31 октомври 1942 роден е Атанас Ќушкоски — македонски драмски писател.

* 31 октомври Во
1942 година во Битола е убиен Јонче Мурџевски. Бил припадник на македонското националноослободително
и комунистичкото движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел
на Македонија. Роден бил во селото Ѓавато, Битолско, на 5 мај 1920 г. Учествувал
во организирањето на нападот од овој одред врз бугарскиот полициски подучасток
во селото Кажани на 18 август 1942 г. По големата провала во врска со оваа
акција, на 22 август 1942 г. бил уапсен од бугарската полиција и затворен во
Битолскиот затвор. Тука бил подложен на долготрајна физичка тортура. Во
октомври 1942 г. бугарскиот суд го осудил на смртна казна со бесење и таа
набрзо била реализирана во Битолскиот затвор.

* 31 октомври1980.- Во Белград умре (погребан е во Скопје) Бане Андреев – Ронката, носител на „Партизанска споменица 1941“, учесник во напредното младинско движење, револуционер и до 1949 година партиски и државен раководител. Роден е во Велес, на 12 август 1905 година
* 31 октомври1992.- Во Скопје, во организација на Пионерскиот дом „Карпош“ од Скопје, почна Првиот детски фолк-фестивал „Плетенка“.
* 31 октомври1995.- Република Македонија е вклучена во програмата ФАРЕ.

*31 октомври1999.- Во Република Македонија се одржаа третите претседателски избори. По прегласувањето во вториот круг, на 5 декември 1999 година, за претседател на Република Македонија е избран Борис Трајковски, втор претседател, по Киро Глигоров, по осамостојувањето на Република Македонија.

* 31 октомври 2015.- На 78-годишна возраст почина академик Томе Бошевски. Академик Бошевски е роден на 8 октомври 1937 година во Битола, каде завршил гимназија. Дипломирал на отсекот за техничка физика на Електро-техничкиот факултет во Белград во 1961 година. Постдипломските студии ги завршил во 1965 година на Природно-математичкиот факултет во Белград, а докторската дисертација ја одбранил на Електро-техничкиот факултет во Белград во 1972 година. Од дипломирањето до 1974 година работел во Институтот „Борис Кидрич“ во Винча. Во 1974 година е избран за вонреден, а во 1979 година за редовен професор на Електро-техничкиот факултет во Скопје, а три мандати бил и декан на Факултетот. За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 1988 година, а за редовен член во 1994 година. Академик Бошевски има објавено поголем број научни трудови и остварил учество на повеќе домашни и меѓународни конгреси и симпозиуми.