Месец Јули,собирање на летнината

0
311

*Жетвата била една од најтешките и најсериозни земјоделски работи. Таа била приоритет над сите други активности и обврски, затоа што, како што велеле луѓето, тоа било време кога “се собирал лебот”, а од тоа колкави биле количините на собраното жито се гледал и севкупниот вложен труд на земјоделецот.

Жетвата, некаде до почетокот на 1960 година, воглавно, се изведувала рачно и со срп. Според востановената пракса и верувањато кај населението, понеделник, среда и четврток се сметале за добри денови за почетокот на жетвата, а вторник, петок и сабота, за лоши денови.За време на жетвените денови никој не бил поштеден од работа. Секој работел колку можел и колку знаел. Некои жнееле, други носеле вода, трети плетеле  јажици, а дел биле ангажирани во врзувањето на сноповите, во подготовките на гумното (трси гумно) или во берењето на трска за покривање на сламата итн. Честа била глетката млади мајки на жетва да одат со колепка на главата и дете во неа, или, пак, како го дои детето под импровизирана сенка од снопови жито.

Домаќинот на куќата бил предводник на жетвата и на постата (простор опфатен со почетокот на жетвата), а по него, според возраста, се ределе и останатите жетвари. Постата, во почетокот, се ширела во зависност од бројот на жетварите, за на крајот од жетвата да стане двојно поширока. Тоа се правело така затоа што се сметало дека како што растела постата така ќе растел и приходот и среќата во семејството. Ожнеаното жито се положувало на полози, кои, потоа, се врзувале во снопје. Снопјата се ределе во крстини и така останувале во нивата додека не се завршела целата жетва. По завршување на жетвата, снопјето се собирале и пренесувале до гумното во куќата. Потоа, таму се започнувало со вршење на житото.

Додека траело собирањето на жетвата, постоела голема солидарност меѓу селаните. Имено, тие што први завршиле со жетвата, веднаш потоа, оделе за да им помогнат на другите селани кои што се уште жнееле по нивите.                  

Правење на „брада“ког завршува жетвата

По завршувањето со жетвата, се оставало едно неожнеано место со големина на тепсија, кое селаните го викале „брада“. Со таа „брада“ се плетеле срповите кои, потоа, помладите лица ги носеле дома.               

Ставање камче под јазик на тој што ја носи „брадата“

Притоа, тој што ја носел „брадата“, одејќи кон дома не смеел ниту со очи ниту со глава да се врти лево или десно, а бидејќи не смеел со никого да зборува, под јазикот му се ставало едно камче. Срповите со „брадата“, се додека не се овршело житото, се чувала дома. Откако ќе се овршело житото, се ставале во амбар и таму стоеле до наредната жетва.

Санде дончевски врши со коњи

По донесување на снопјето жито на претходно подготвеното гумно, започнувало вршењето на житото со коњи или друг добиток. Притоа, добитокот, со трчање во круг, ја газел и ситнел сламата и го издвојувал зрното од сламата. Потоа започнувал процесот на веење на житото. Веењето на житото најдобро се извршувало доколку дувал ветар, кој, за жал, во летниот период скоро и да не дувал. Оваа состојба се надминала по воведувањето на посебна машина за веење на рачен погон. По завршување со вршидбата, се кител стожерот. Тоа било знак дека вршидбата во куќата била завршена.           

Вршење со вршалка погонувана преку долга каишница од трактор

Ваквиот начин на вршење се практикувал и траел сѐ до 1955 година. Од 1955 до 1960 година вршидбата се обавувала со вршачка машина, поврзани со долга каишница со трактор, со чија помош се придвижувала каишницата. од 1960 година па сѐ до денес, двете операции (жнеење и вршење) се извршуваат со комбајн.              * вршалка

Околу 1960 се појавија комбајните кои ги обавуваа двете функции и жнеење и вршење.

Во почетокот, кога започнала употребата на комбајните, имало семејства во Илинден кои и овој иновативен начин на вршидба не сакале да го прифатат. Во почетокот, тоа се должело на многубројните фамилии, каде расположливата работна рака можела да ја заврши сеидбата, жнеењето и собирање на целата летина. Честа изрека, во тоа време, за да не се викне комбајн за да им го ожнее и собере житото била: ”срамота е ние да лежиме дома, а друг да ни ја врши работата”, односно ”не давам пари за жетва, а работниците да ми лежат дома”. Меѓутоа, за неприфаќањето на комбајнот, имало и други причини. Имено, при рачното жнеење се собирале паднатите класје, кои, комбајнот не можел да ги собере.    

Првата комбајна во задугата во Илинден ,управувана од Драган Роглев и помошниците Диме Пиличковски и Пеце Риклевски

Друга причина што во почетокот месното население не сакало да го прифати комбајнот било и тоа што тие ја растурале плевата низ нивата. Инаку, при вршидбата со коњи, плевата се собирала како посебно квалитетна храна за стоката, а се употребувала и за покривање на копите слама затоа што не пропуштала дожд во сламата и на тој начин ја штитела истата од скапување. Оваа недоверба кон комбајнот траела до земјотресот на 26 јули 1963 година, кога, поради изменетите економски состојби, комбајнот започнал масовно да се употребува од месното население.

Претходниот артикал,НА ДЕНЕШЕН ДЕН-29 ЈУЛИ
Следната статијаНА ДЕНЕШЕН ДЕН -30 ЈУЛИ

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука