Верувања при изградба на куќи

0
900
Верувања при изградба на куќи
Изградбата на куќата како простор за секојдневно живеење, преставува еден од најзначајните моменти во животот на едно семејство. За време на градбите на куќите во Илинден и во околните населени места во минатото биле востановени посебни принципи за почетокот и текот на градбата како од сопственикот на куќата, така и од мајсторите и нивните тајфи. Тие се поврзани и се однесуваат за денот поврзан со почетокот на градбата, за времето, за одредување на местото каде треба да се гради објектот и со почитување на повеќе обичаи за време на почетокот на градежните работи. Почетокот на градежните работи започнувале рано наутро кога започнувал да „расте“ денот но, и работата. Но, имало одредени денови, поврзани најчесто со верските празници Велигден и Ѓурѓовден и деновите меѓу двете Богородици кога, спред верувањата, луѓето воопшто не сакале да започнат со било какви градежи работи. Како поволни денови за почеток со градбите биле: понеделник, среда и четврток, додека останатите денови се сметале за неповолни за вакви активности. Според обичајот, пред почетокот на градбата задолжително се принесувала жртва, односно курбан. При тоа, најчесто се колело бело машко јагне или овен со рогови. Животното се колело на ќошето спрема изгревот на сонцето, а на таа страна, во темелот од куќата, се закопувала и неговата глава. Месото се користело за приготвување на храна за мајсторите.
Според обичајот, домаќинот првиот ден и ноќ од почетокот на градбата спиел на темелот на куќата, за, наводно „да пази од лоши работи„. При поставување на кровот, односно на чатијата, на највисоката хоризонтална греда задолжително, на северозападната страна, се поставувале еден или два дрвени крста и неколку китки босилок или други цвеќиња. Покрај ова, на чатијата се закачувале и подароците што ги давал домаќинот, неговите роднини, комшиите или пријателите. На денот на поставување на чатијата, еден од мајсторите, цел ден со викање ја благословувал градбата и кажувал кој и каков подарок донел. Инаку, сите собрани порадоци по обичај се давале на мајсторите.
Обредните обичаи се применувале и при првото влегување во ново изградената куќа. Тогаш, домакинот во куќата влегувал прв, при што, прагот на куќата морал задолжително да го помине со десната нога. Потоа, домаќинката намерно го распалувала огнот, по што, започнувало повикување на сите комшии и пријатели, кои, откако ќе дошле пред прагот на куќата, на новите сопственици им посакувале многу здравје, повеќе деца, благосостојба и проширување на грлата добиток.

 

Претходниот артикал,ВЕРУВАЊА ПОВРЗАНИ СО СЕИДБА НА ЖИТО
Следната статијаОБИЧАИ ПРИ ПОРОДУВАЊЕ И ОДГЛЕДУВАЊЕ НА МАЛИ ДЕЦА

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука