Верувања и обичаи за трите наречници

0
663

Верувања и обичаи за трите наречници
Меѓу многуте верувања на човекот во постоење на разни натприродни суштества спаѓа и верувањето во наречниците. Имено народот верува дека на третата вечер од раѓањето на детето доаѓаат наречниците и му ја одредуваат судбината. Според верувањето наречниците се секогаш три жени или девојки и доаѓаат точно на полноќ, како што се вели во глуво доба. Во некои краишта се врувало дека тие се жени, во други дека се девојки, во охридско уште дека се облечени во бела селска облека. Она што ќе го каже третата, последната, во некои верувања најстарата, во други најмладата се смета за конечно и другите две се согласуваат со тоа. Во некои верувања најстарата обично барала смрт, средната некакви телесни недостатоци, додека најмладата по чии желби обично се постапувало била најмилостива и таа зборувала колку детето ќе живее, кога ќе се ожени (омажи) каква среќа ќе има во животот и се друго што ќе му се случи.
Се верува дека наречниците не може да ги види никој освен во ретки случаи мајката на новороденото дете или некој просјак или патник кој тука случајно ќе се најде. Имено на третата вечер од раѓањето, значи кога се очекува доаѓањето на наречниците, една постара жена, обично бабата на детето, зема пепел и растура од печката или од огништето до вратата. Потоа го зема детето и со стапалото прави трага во пепелта кон вратата велејќи: „Биро, ко ќе дојдат да ми те барет наречниците, еве го патов ти си ми појдено на кошара, таму да те барет, овде да не идат“.
Верувањето во наречниците нашло одраз во целото македонско народно творештво. Пословиците најчесто го содржат верувањето дека тоа што е наречено не може да се менува: „Така му било речено“ или,: „Така му било пишано“ итн.

Оставете одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молиме внесете ги вашето име тука